Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, денеска од Родос откри што е грчкиот план – наместо да бидеме Македонци, треба да бидеме Северномакедонци.
„Посакувам договорот од Преспа да се имплементира и да биде светол пример за решавање на проблемите во нашиот регион“, рече шефот на грчката дипломатија во говорот на почетокот на Конференцијата за стабилност и безбедност.
Тој истакна дека со постигнатиот компромис во Преспа двете страни покажале дека „никој не може да го презира другиот и никој не може другиот да го стави во ќош“.
„Не можеме да живееме со реваншизам и со иредентизам. Потребно ни е да го прифатиме постоечкото и да најдеме правила за да живееме заедно. Ова го покажа и го покажува договорот од Преспа, кој посакувам да се имплементира и да биде светол пример за сите проблеми во нашиот регион. Договорот покажува дека овде немаме спротивставеност меѓу Северномакедонците и Грците, туку имаме спротивставеност, и ова важи за сите конфликти, меѓу силите што сакаат решение и силите на инерција, на кои им одговара нерешавањето и мислат дека може да имаат корист“, рече Коѕијас.
Конференцијата на Родос оваа година има најголем број учесници, а меѓу поканетите, за првпат бил и неговиот македонски колега, но не можел да дојде бидејќи, како што рече Коѕијас, „Никола Димитров имаше ‘битка’ во Собранието за Договорот што го потпишавме“.





