Ден по пресметката на полицијата со противниците на договорот Заев-Ципрас пред Собрание, илјадници демонстранти и вечерва се собраа на истото место, на мирен протест од кој беа упатени жестоки пораки кон власта што удри по својот народ.



Говорниците, меѓу кои политичари, интелектуалци, како и Нестор Огинар, професор и активист на македонската дијаспора од САД, уште еднаш изразија противење на вчера потпишаниот договор Заев-Ципрас во Нивици, оценувајќи го како почеток на крајот на македонската нација и држава. Беа упатени повици до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да дадат оставка, до народот да го блокира Собранието кога ќе има седница за договорот, па дури и до полицијата да му се придружи на народот.

Професорката Билјана Ванковска го одржа ветувањето и, покрај непријатното искуство од синоќа, дојде и вечерва со сопругот.

За разлика од синоќа, денешниот протест помина мирно, без „блиска средба“ со силното полициско обезбедување на „народниот дом“ и без видливо присуство на навивачки групи, судејќи според отсуството на пиротехника.

За утре е закажан нов собир пред Парламентот во 11 часот, кога треба да почне и седницата на која ќе се расправа за договорот со Грција. Утревечер и секоја наредна од 20 ч. продолжува јавното изразување незадоволство пред законодавниот дом.