Професорот Љубомир Цуцуловски со своја реакција на „Фејсбук“ по потврдата од македонскиот премиер Зоран Заев дека со неговиот грчки колега Алексис Ципрас договорил ново име за Република Македонија.
„НЕВАЛИДНОСТ И ЦИК-ЦАК ПОЛИТИКА. Веќе 26 години (во континуитет) одбивав да се согласам со било каква промена на уставното име. Според тоа, воопшто не ме интересира што содржи договорот Заев–Ципрас, бидејќи каков и да е, го менува името на Република Македонија. Сепак, од она што беше кажано на прес-конференцијата, која заврши предмалку, впечаток ми остави тврдењето на набожниот (меѓутоа, и побожниот!) Зоран Заев дека со договорот се отворале вратите за македонските граѓани кон светот. Ќе можеле да заминат каде што сакаат и кога ќе посакаат. Јас, пак, мислев дека борбата за Македонија е во создавањето на такви услови, кои нема да ги принудуваат граѓаните да ја напуштаат државата, барајќи работа и живот надвор од неа, бидејќи ефектот на таквата политика ќе биде уште помасовно иселување на младите, кои не се родиле да талкаат по светот, туку да работат и да живеат со своите семејства во земјата во која се родиле. Накусо: „отворањето“ на Македонија кон светот, ќе значи (можеби!) целосно затворање на Македонија.
Сепак, колку и да се сложени состојбите во Македонија, благодарение на десперадорската политика на оваа власт, смирува (барем донекаде) сознанието дека оваа власт е дојдена на власт надвор од кои било законски норми и прописи, и дека, според тоа, сите одлуки, како и сите договори што ќе бидат донесени за време на нејзиното владеење не само што ќе немаат политички легитимитет, туку ќе немаат и политички л е г а л и т е т. Од своја страна, она што е донесено од нелегална власт еден ден ќе биде прогласено за она што навистина е – за н е л е г а л н о. Тоа значи, и за н е в а л и д н о. Меѓутоа, ќе треба да мине многу време и да се направат многу напори невалидното да се прогласи за невалидно, особено ако опозициските партии и понатаму се однесуваат како што се однесуваат – ни ваму, ни таму. Конечно, цик-цак политиката е погубна токму за оние кои ја практикуваат.
Р.Ѕ. Сѐ си мислам дека ова досега беше предигра. Битното допрва ни претстои. Затоа, потребна е поголема ангажираност од било кога досега“, напиша Цуцуловски.





