Бутарис: Ме клоцаа по цело тело

Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис кој вчера беше нападнат од ултрадесничарски активисти се опоравува во болница по здобиените повреди на главата и на екстремитетите.



„Ме удираа по целото тело. Ме клоцаа и многу ме повредија“ изјави Бутарис за локалната агенција АНА. „Тоа беше жален напад, но јас сум во ред“, изјави градоначалникот.

Инцидентот кој заврши лошо за 75 годишниот солунски градоначалник, се случи на одбележувањето на  масакрот на црноморските Грци, Понди, извршен од младотурците за време на Првата светска војна.

Бутарис првично бил исвиркан и навредуван заради неговите ставови кон Турција, но и кон  Пондите, и му било препорачувано да го напушти настанот.

Тој првично не реагирал додека некои од насобраната маса не почнале директно да му се закануваат,  а некои не се двоумеа и да го нападнат.

Од канцеларијата на премиерот Алексис Ципрас изјавија дека напаѓачите биле „крајнодесничарски бандити“.

Бутарис постојано предизвикува гнев во политичките кругови со своите контрадикторни изјави за Македонија, Турција и Израел, пренесе АФП.