Во 75 година од животот, вчера во Скопје почина долгогодишниот новинар на Македонското Радио, Љубомир Вељковиќ-Раф.
Кариерата ја започна на Втората програма на Радиото во 70-те години, а најдолго, с’е до заминувањето од Радиото, работеше во внатрешно политичката редакција, како собраниски известувач.
Зад него остана респектибилна серија од емисии „Вие и претседателот на градот“во која на прашања од скопјани одговараше градскиот татко.
Како завршен правник, кариерата ја продолжи во Општина Центар во Соборот на општините, а се до пензионирањето активно се ангажираше во заштитата на човековата околина.
Јавноста, онаа која е денес во позрелите години ќе го памети по неговите колумни во најпопуларната ревија во Македонија на сите времиња, „Екран“ каде пишуваше под псеудонимот „Катинка“.

„Се зафати со пишување прилози во Екран,нешто како колумни, со многу искричави и брилијантни оценки и видувања за културните збиднувања и за програмите на тогашните медиуми, суптилни и недвосмислени истовремено.
Се потпишуваше како ‘Катинка’ и пишуваше во прво лице женски род.
Во едно сеќавање, Јасминка Јанева ќе напише: ‘Катинка има мустаќи…’
Сакав да пишувам за Раф како за скопска икона и за неговиот труд, но ја немав неговата согласност… останува во иднина да му се одолжиме.
Со неговиот син Игор се договоривме да ја издадеме ‘Катинка’, постхумно“, ќе рече во последното обраќање до Раф, неговиот долгогодишен пријател и колега од Македонското радио, Мојсо Мојсовски.
Погребот на посмртните останки на Љубомир Вељковиќ Раф ќе биде извршен на гробиштата Бутел денесka, 20 мај во 10 и 30 часот.




