Грчката Влада го отфрли предлогот „Република Илинденска Македонија“.
„Го поздравуваме тоа што македонската страна прифати дека не може да има решение без ‘ерга омнес’, односно за сите употреби. Сепак, ние ги охрабруваме нашите соседи, да продолжиме да работиме заедно за да се најде заемно прифатливо име со географска или временска одредница, како што е предложено од страна на специјалниот пратеник на ОН, Метју Нимиц“, стои во соопштението лиферувано од грчката Влада, пренесе НОВА ТВ.
„Пораката“ дојде изненадувачки бргу по лидерската средба во Скопје и изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев дека овој предлог е можен компромис за спорот за името и дека со пакет-решението се зацврстуваат идентитетот и јазикот, кој останува македонски.
„Со ова име правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации спрема ниту една соседна земја, вклучително и Грција“, им порача денеска Заев на граѓаните на Грција.
Денеска неговиот колега Ципрас имаше средба со лидерите и со шефот на грчката држава Прокопис Павлопулос, кои, пак, претходно го отфрлија предлогот зошто, наводно, имал територијални претензии кон грчката територија.
На самитот во Софија, по прес-конференцијата на Заев на која рече дека со Ципрас се согласиле за една заемно прифатлива опција, грчкиот премиер два часа подоцна изјави дека „сè уште е рано да се зборува дека е најдено решение“.





