Аферим, бе, ќерата! Што убаво ви текна со еден удар две муви да отепате. Со „Република Илинденска Македонија“, па уште и со ерга омнес и со уставни промени, ем Грците сити, ем Бугарите на број. Генијално, нема што. Ги оправдавте сите „евричиња“ за булументата владини советници. Вредат за сите пари, богами.
Ене го и Ципрас признава дека „преговорите со Скопје се во клучна фаза“, откако колегата Заев му ја предложил спасоносната формула за него и за неговите поддржувачи, кои фрлија сè на картата да ѝ кумуваат на својата татковина. Заради влез во НАТО и во Европска унија, се разбира. За да не ни избегаат децата по странство, како што ќе предупреди и Малески, ако и ова не успеело.
Супер идејава, па се думам дали воопшто да им ја расипувам забавата, да му го кршам раатот на кумот пред „ќесето да му изгори“ од честење за тоа колку бил умен и досетлив. Со „Илинденска Македонија“ сакате во НАТО, а? Грција ќе ја спуштела рампата, а Бугарија пријателски, ем добрососедски ќе му мафне на македонскиот воз тргнат кон Брисел и светлата иднина? Чок ѓузел. А Турција, ефендии? Не ви текна на неа, а? Илинденците против кого го кренаа востанието што луцидно и никој да не се сети имавте намера да го додадете на името на земјата? Кој прати многуилјаден аскер за да го задуши бунтот што се беше проширил во Македонија во почетокот на минатиот век, дури и во беломорскиот дел? И сега од нивните потомци ќе се надевате на зелено светло на самитот на Алијансата во Брисел во јули, ако претходно соседите од југот „заборават“ дека најжестоките битки се водени и најголемите жртви за ослободување од 5,5-вековното ропство се дадени во костурско и во леринско?! Башка, Ердоган при приемот на Иванов во Анкара во февруари јасно стави на знаење дека „Турција не отстапува кога еднаш ќе донесе одлука“, осврнувајќи се на признавањето на Македонија под уставното име.
Јанлаш да не ви излезе работата, како со пустата надеж дека ќе ви дозволат јазикот да ви остане „македонски“, откако Грците ќе ја проголтале јадицата со додавката за името? За тоа ќе сте им помогнеле и со преформулирање на Македонците во „граѓани на Република Илинденска Македонија“, каков што абер дојде од Софија? Или повторно станува збор за злонамерни шпекулации? Кој и во што да верува кога на вебстраницата на Европски совет за превод на декларацијата од самитот за Западен Балкан во Софија беше понуден „јазикот на поранешната југословенска Република Македонија“, заедно со албански, српски, црногорски и босански?
Што правиме и со секуларниот карактер на државата, ако се има предвид дека Илинден, покрај национален и државен, е и православен празник во чест на светецот Илија? На Македонците со исламска вероисповед тоа можеби нема да им пречи поради етничката припадност на мнозинството во државава, но каде се тука Албанците, најголемиот дел Роми и повторно Турците? Ахмети, а посебно Села, во повеќе наврати го истакнаа противењето на какво и да е име за Македонија што би асоцирало на „словенскиот елемент“ во неа.
Врзувањето на државата со Илинден може да се толкува и како временска одредница за македонскиот народ. Демек, оттогаш наваму почнува да се раѓа кај него чувството за посебност, со тоа и стремежот за сопствена држава, а тоа пред тоа му припаѓа на некој друг. А да не се разбудат еден ден Македонците како Илинденци по националност? Звучи смешно? Па, и не баш, со оглед на тоа што премиерот од уста не ги вади македонските граѓани, а никако да каже македонски народ.
За атер на вистината, сепак, треба да му се оддаде признание на сценаристот околу преименувањето на единствениот дел од територијата на Македонија со државно-правен статус, и тоа токму под тоа име. Капата долу за помислата за додворување на Македонците, сметајќи на нивните несомнени позитивни чувства кога ќе се спомене востанието што ја изнедри Крушевската република, прва на Балканот. Уште кога ќе се „испегла“ историјата со Бугарите, па кога ќе „препознаат“, како што забележува Захариева, „оти имаме заедничка историја и заедничко минато“ – бериќатварсан.
Останува само „ситницата“ да се „ували“ тројанскиот коњ. И тоа на тие што не еднаш совршено ја имаат одиграно ролјата на Данајците, на кои не треба да им се верува ни кога дарови носат, како што вели митологијата. Тоа му доаѓа како да се обидуваш да му продадеш бостан на бостанџијата. Ептен надежно. Освен ако продавачиве и на тоа што не е нивно и никој не им го дал за да го изнесат на тезга не се решени да одат докрај со распродажбата. По секоја цена.
Судејќи според официјализирањето на ептен креативното им решение за името на денешната лидерска средба, генијалциве токму во тој правец кинисале. И ни Јусеин Болт не може да ги стигне, а камоли да ги запре. Оти тие, нели, најдобро знаат што е најдобро за сите нас. Да не зборуваме за нив лично.




