Судејќи според првите реакции, грчките политички партии во старт го отфрлаат предлогот „Илинденска Македонија“ како решение на деценискиот спор околу кое наводно постигнале согласност премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на средбите во Софија.
Во пресрет на средбите „за името“ на Алексис Ципрас со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос и со политичките лидери, нема расположение за „шестиот“’ предлог за име кој се појави на маса, оценуваат грчки медиуми.
Поранешниот шеф на грчката дипломатија, Евангелос Венизелос и Фофи Генимата од Движењето за промени директно го отфрлија како „олицетворение на неодговорноста“ предлогот за име „Илинденска Македонија“.
Василис Левендис, пак, лидер на паријата „Унија на центристи“ и натаму инсистира на „не“ во идното име.
На овој став цврсто стои и помалиот коалиционен партнер на Ципрас, Панос Каменос од партијата „Независни Грци“.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера го информирал лидерот на опозициската Неа демократија, Кирјакос Мицотакис, по што следуваше соопштение од партијата со негативна оценка:
„Ова име е историски и директно поврзано со стремежот за создавање ‘македонска нација’ и држава која ги вклучува Солун и се протега до Егејското Море. Секое споменување на Илинден во името на соседната земја не само што не става крај на иредентизмот на Скопје, туку, напротив, го потврдува и го зајакнува. Затоа, дури е неприфатливо и да се дебатира “.





