Решавање на името во Софија е можно, смета бугарски европратеник

Андреј Ковачев, бугарски европратеник од партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, е оптимист во однос на можноста за решавање на прашањето за разликата за името на Македонија на претстојниот самит „ЕУ – Западен Балкан“, со што би му донело уште поголем успех на собирот во Софија.



„Има волја и од двете страни за да се најде решение и патот на Македонија кон ЕУ и кон НАТО да биде деблокиран. Спорот треба да биде решен, а ЕУ го поддржува изнаоѓањето решение“, изјави тој за бугарското Радио Фокус.

Оптимизмот на Ковачев денеска не го сподели македонскиот премиер Зоран Заев, кој стави на знаење дека неговата средба со грчкиот колега Алексис Ципрас на маргините на самитот во Софија „не е таа што ја очекувавме“, односно таа за која тој рече дека самата нејзина најава ќе значи дека во разговорите се стигнало до напредок што ветува конечно решение за повеќе од четврвековниот камен на сопнување меѓу двата соседа.

„Други надворешнополитички теми можат не да изместат, туку да бидат дополнување на основната тема за Западен Балкан. Од ЕУ ќе има јасно изразена волја за присоединувањето на тие земји кон неа“, додава Ковачев.

Во однос на предлог-декларацијата на самитот и на нејзината основна идеја – потцртување на перспективата за членство за земјите од Западен Балкан, европарламентарецот објаснува дека државите нема да бидат примени „анблок“, напротив – секоја од нив ќе биде оценувана сопред сопствените резултати.