Претседателот Ѓорѓе Иванов побарал премиерот Заев и министерот Димитров да му достават извештај за текот и исходот на преговорите за надминување на спорот за името, се вели во соопштението од неговиот кабинет.
До денеска таков одговор не добил, исто како што шефот на опозицијата не е брифиран за најновиот тек на преговорите.
Претседателот е во земјава, и е подготвен да ги слушне сите информации околу процесот кој го води владата со грчка страна, а за кој не добил никаков допис ниту пак е вклучен во текот на преговорите.
Заев и Димитров не одговориле ниту на неговиот допис испратен уште на 29-ти март во кој бара извештај за она што разговарале Заев и Ципрас во Давос, но и нацрт-текстовите од спогодбата која Грција ја испрати за надминување на разликите.
Иванов немал увид ниту во документот кој Заев го вратил кај јужниот соседи на што се согласил, вклучувајќи и информација за тимот што од македонска страна учествувал во изготвувањето на документот.
Од кабинетот побарале и извештаи од билатералните разговори на министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Коѕиас.
Претседателот Иванов е вратен во Македонија уште во неделата наутро, велат од кабинетот, по денешната изјава на премиерот Заев дека ќе следува лидерска средба за спорот со името кога сите учесници ќе бидат во земјата, посочувајќи дека Шефот на државата е во Турција.
Вчера и опозицијата обвини дека нема никаква информација и побара итна лидерска средба во врска со преговорите за името. Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ објави дека ја прекинува посетата на Италија и се враќа во земјава за да добие информации што се случува во преговорите што ги водат Димитров и Заев.





