Меѓу шест земји на Западен Балкан што претендираат да станат членки на Европска унија, Македонија е на третото место според поддршката на граѓаните за тоа.



Според податоците на Институт за демократија – Societas civis, 73 проценти од македонските граѓани го поддржуваат зачленувањето во Унијата, 17 отсто се против, а 8 отсто немаат став за ова прашање.

Најголема поддршка за интеграцијата во ЕУ имаат граѓаните на Косово, каде што 84 проценти го сметаат членството за корисно, а 4 отсто како штетно.

Втора е Албанија, каде што на истото прашање 80 проценти од анкетираните одговориле потврдно, а 10 отсто негативно.

Веднаш зад Македонија е Босна и Херцеговина, каде што 69 проценти од граѓаните би гласале за членство во ЕУ. Многу поголема поддршка има во Федерациоја БиХ од 76,5 отсто, наспроти Република Српска од 56,4 отсто.

Во Црна Гора за влез во Унијата се 67,9 проценти од граѓаните, а против 22,9 отсто.

Убедливо најмала поддршка за ЕУ во регионот на Западен Балкан има во Србија, каде што 52 проценти од граѓаните би гласале за присоединување со Унијата, 24 отсто би биле против, а 12 отсто се нерешителни во тој поглед.

Споредбените резултати ги објави порталот „Балкан инсајт“ пригодно за Денот на Европа 9 мај.