Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) и Бугарска академија на науките (БАН) заедно ќе го прослават Денот на светите браќа Кирил и Методиј во Софија, кој се празнува на 11 мај, соопштија од БАН.
Делегација на МАНУ, предводена од претседателот и академик Таки Фити, утре од 11 ч. ќе присуствува на академска прослава организирана од Кирило-методиевскиот научен центар на БАН.
Во големата сала на БАН утре од 18 ч. премиерно ќе биде претставено бугарското издание на романот „Балканвавилонци“ на македонскиот писател и академик Луан Старова.
Два часа претходно, пак, во Институт за економски истражувања на БАН ќе биде претставен и зборникот „Последиците од европската должничка криза врз економскиот развој на Бугарија и на Македонија“, во кој се вклучени анализи на научници од МАНУ и од БАН.





