Иако ја оценија како „значајна“ посетата на бугарскиот претседател Румен Радев на Ѓурѓовден во струмичко Ново Село, каде што се поклони на војниците што загинале за Бугарија, гостите во емисијата „Денот почнува“ на Бугарска национална телевизија ја сметаат за нецелосна поради отсуството на неговиот македонски колега Ѓорге Иванов од церемонијата.



„Веќе 11 години се одржува таа церемонија, секоја година, благодарение на фондацијата ‘Бугарска памет’ (Бугарско сеќавање – н.з.) и доктор Врабевски. Навистина останува горчлив вкусот што македонскиот шеф на државата не собра сили и храброст или, едноставно, од внатрешно убедување не посака да дојде и да го придружува својот бугарски колега“, изјави европратеникот Андреј Ковачев од партијата ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов.

Според него, другото забележливо отсуство било тоа на претставници на Бугарска православна црква (БПЦ), наспроти врвот на Македонска православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), на чело со архиепископот Стефан.

„Политичката порака што беше испратена е дека македонскиот претседател и други луѓе како него, голем дел од политичката елита, не е способен да ја согледа новата реалност во односите меѓу Бугарија и Македонија“, заклучи Коста Филипов, известувач на БНТ од настанот и нејзин долгогодишен дописник од земјите на Западен Балкан.

Иванов во неделата го пречека Радев во Ново Село, но не присуствуваше на панихидата, туку со својот гостин од Бугарија неформално разговараа во Дојран.