Тринаесет илјади припадници на руската армија продефилираа низ „Црвениот плоштад“ во Москва на воената парада во чест на 73-годишнината од победата над фашизмот, на која беа претставени 159 единици вооружување и техника и 75 авиони и хеликоптери, вклучувајќи и најмодерни воени орудија.



„Сите народи разбраа дека нацизмот беше поразен благодарение на советскиот војник, но денес има обиди да се избрише подвигот на народот кој ги спаси Европа и светот од ропство, од истребување, од ужасите на холокаустот. Се обидуваат да ги извртат настаните од војната, да ги закопаат вистинските херои во заблуда, да исконструираат, преработат, да ја фалсификуваат самата историја. Никогаш нема да го дозволиме тоа. Наша должност е да го зачуваме сеќавањето за храброста на војниците кои ги загубија животите заради животите на другите“, рече рускиот претседател Владимир Путин во својот говор, по кој повика на една минута молк за жртвите и за хероите од војната.

„Големата татковинска војна“, како што ја нарекуваат во Русија, за неа официјално почна на 22 јуни 1941 година, кога Германија го нападна тогашниот Советски сојуз, во што следниот ден ѝ се придружија Романија, Италија и Словачка, на 25 јуни Финска, на 27 јуни Унгарија и на 16 август Норвешка.

Според руската историографија, меѓу 8 и 13 милиони луѓе се бореа во различни периоди од војната на огромниот простор меѓу Баренцово Море на север и Црно Море на југ. Спротивставените армии располагаа со 6.000-20.000 тенкови и други возила за напад, меѓу 85.000 и 165.000 артилериски орудија, како и 7.000-19.000 воени воздухоплови.

За време на војната Советскиот сојуз употреби 607 дивизии, а германската војска и нејзините сојузници загубија над 8,6 милиони војници на Источниот фронт, а 3/4 од нивното оружје беше уништено или заробено. Безмалку секое советско семејство загуби некој од своите најмили.

Германија потпиша безусловна капитулација во предградие на Берлин доцна навечер на 8 мај 1945 година, кога по московско време веќе беше 9 мај, па оттаму временската разлика во денот што Европа и Русија го сметаат за Ден на победата над фашизмот.

Во декември 1947 година Советскиот президиум донесе декрет 9 мај да биде работен ден, откажувајќи ја прославата за Денот на победата во 1948 година, која беше вратена на 26 април 1965 година, кога стана државен празник и неработен ден.

Првата воена парада на „Црвениот плоштад“ се одржа на 9 мај 1965 година. До 1995 година воените паради во Москва се одржуваа во јубилејните години – 1965, 1985 и 1990. Најголемата парада во историјата се одржа во 2015 година, кога учествуваа 16.500 воени лица, речиси 200 единици воена опрема и околу 140 хеликоптери и авиони.