Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, изјави дека израелското бомбардирање започнато на 13 јуни било голема грешка и големо злосторство.
„Ционистичкиот непријател направи голема грешка, направи големо злосторство – мора да биде казнет и се казнува токму сега; поточно, се казнува токму сега“, напиша Хамнеи рано утрово на социјалните мрежи, во објава на која има слика од ракети што паѓаат врз израелски град, а во позадина огромен череп со Давидова ѕвезда на главата.
Се чини, како што пишува Скај, дека тој мислел на последниот ракетен напад врз Израел, во кој беше испукана една ракета, која беше пресретната од израелските одбранбени сили.
Ајатолахот се соочува со најголемиот предизвик на неговото владеење откако САД извршија напади врз нуклеарните постројки на Иран, рече еден аналитичар, додека светот чека официјален одговор од врховниот лидер на Иран.
Според Карим Саџадпур од Карнеги фондацијата за меѓународен мир, Хамнеи е во најтешката ситуација во целиот свој автократски живот.
„Тој е во бункер. Има 86 години. Има ограничени физички и когнитивни способности. Повеќето од неговите врвни воени команданти се убиени. Тој не го контролира сопствениот воздушен простор, Израел го контролира“, изјави тој за Си-Ен-Ен.
„И знаете, нема излез од оваа војна. Тој не може да ја добие. Тој е воено, финансиски и технолошки надминат“, додаде тој.






