Силна поддршка од хрватскиот премиер Пленковиќ за македонските евроинтеграции

Силна поддршка од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Тој во телефонски разговор со премиерот Христијан Мицкоски истакнал дека Македонија заслужува да биде членка на ЕУ.



За телефонскиот разговор информираа двајцата премиери на нивните социјални медиуми.

„Имав телефонски разговор со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ. Во пресрет на извештајот на Европскиот парламент, продолжувам да ги користам сите контакти за да ја раскажам македонската вистина – за нашиот напредок, за вредностите што ги браниме и за иднината што ја заслужуваме. Хрватска е докажан пријател на нашата држава, а нејзината гласна поддршка во клучни моменти претставува голем поттик и охрабрување за сите нас. Македонија заслужува членство во Европската унија, но со крената глава“, напиша премиерот Христијан Мицкоски.

Пленковиќ за телефонскиот разговори информираше преку неговиот профил на социјалната мрежа „Икс“, при што нагласи дека со Мицкоски, меѓудругото разговарале и за извештајот на известувачот Томас Вајц за земјава.

„Со премиерот Христијан Мицкоски разговарав за понатамошната динамика на европскиот пат на Севцерна Македонија, за претстојниот Извештај на Европскиот парламент за напредокот и состојбата во Југоисточна Европа. Хрватска ќе продолжи силно да ја поддржува Македонија, која заслужува членство во ЕУ“, напиша Пленковиќ на „Икс“.