Вработен во Народната банка на Северна Македонија, со иницијали З.Д., е уапсен по сведочењето на Велибор Манев – еден од обвинетите за свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Манев денеска на судењето изјави дека токму З.Д. е лицето кое, по налог на Љупчо Палевски, го уништило оружјето со кое, според обвинението, биле извршени двата монструозни злосторства.
Обвинителството ја потврди информацијата за апсењето и најави дека се преземаат и други истражни дејствија во врска со случајот. Апсењето доаѓа по деталното сведочење на Манев, кој посочи дека бил изманипулиран од Палевски и дека сега, откако самиот Палевски го нарекол лажго, решил да проговори целосно.
– Бидејќи сака да ме набеди дека јас сум убиецот, ќе кажам сè. Лично тој ми се јави од турската граница и ми рече да му се јавам на З.Д. од Народна банка, член на партијата „Десна“, за да го отстрани „пакетот“ – ранецот со оружје и мотороли, изјави Манев пред судот.
Тој додаде дека ја исполнил наредбата и го известил Палевски дека пораката е пренесена. Според него, сето тоа било снимено на камери, а тој, како што рече, бил „голема будала која си го уништила животот“.
„Пакетот“, како што го нарекувал Палевски, бил ранецот во кој се наоѓал пиштолот што, според обвинителството, бил употребен за егзекуцијата на Панче и Вања. Манев тврди дека Палевски му ветил дека ќе биде само киднапирање за откуп, а не убиство.
Со новото апсење истрагата за двојното убиство добива нов правец, а Обвинителството најавува проширување на обвинувањата кон лица кои се осомничени дека помогнале во прикривање на доказите.






