Заглавени проекти за формирање развојни туристички зони и авто-кампови, несразмерна распределба на парите за субвенционирање во туризмот, како и недоволна способност да се реализираат преземени проекти кои ги финансира Европската унија, констатирал државниот ревизор во последниот извештај од ревизијата на финансиското работење на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во 2023 година.
Проектот „Езеро Треска“ во општина Сарај е заглавен на јавно наддавање. Комисијата за спроведување постапка за јавно наддавање се соочила со законски и административни пречки, а Владата нема дадено понатамошни насоки за постапување.
Неславно завршил и обидот за формирање на развојна туристичка зона „Дојран“. Тој е запрен на огласот за јавно наддавање за отуѓување на земјиште на кој не е добиена ниту една понуда.
Во застој се и двете две одлуки за основање автокампови – во Општина Велес и во Општина Петровец. За Велес е подготвена урбанистичка документација, но не е започната постапка за отуѓување на земјиштето, додека за Петровец документацијата е во изработка.
Исто така, бавно се реализира и проектот за воспоставување Национална мрежа на патеки и водење регистар. Проектот е започнат и доставен е предлог до надлежни институции, од кои дел имаат дадено позитивно мислење, а други немаат доставено одговор или доставени се забелешки. Поради недовршената постапка и недостиг на елаборати, обврските на АППТ не се реализирани. Во 2021 година, МЖСПП има започнато постапка за измена на Законот, но досега не е постигнато конкретно решение.
Целиот текст прочитајте го тука.






