„Пратеникот во Собранието на Македонија Илир Хасани реагираше остро кон претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во врска со албанскиот јазик. Хасани го обвинува Костадиновски за навредување на албанскиот јазик, обраќајќи му се со зборовите: ‘Кој си ти да го потценуваш мојот јазик?“ – ова го објавија ТВ Шења и други медиуми на албански јазик во Македонија. Инаку, се наметнува дилема: кои се поводот и намерата на пратеникот на ДУИ Хасани да му се обраќа јавно на првиот човек на Уставниот суд Дарко Костадиновски со ваква интонација, која излегува надвор од нормите на пристојноста во јавната комуникација на вршителите на политички функции, што е и функцијата пратеник на Хасани? Дали Хасани можеби се обидува „политички“ јавно да го “дисциплинира“ и да го предупреди Костадиновски да не се преземаат одредени одлуки на Уставниот суд во расправата за законот за јазиците, поточно за употребата на албанскиот јазик?!
ТВ Шења ја пренесува објавата на Илир Хасани, кој е пратеник од редовите на ДУИ: „Судија Дарко Костадиновски, ако имаш да кажеш нешто, дојди и кажи го тоа пред пратениците, што го кажал пред новинарите. Мислењето мое и твое за законите, кои ги усвојува Собранието, не се толку важни но кога ги изнесуваме како Илир, или Дарко, но пратеникот Илир, или претседателот на Уставниот суд Дарко имаат институционална одговорност, заснована врз основа на уставот и законите. Кој си ти да го потценуваш мојот јазик? Нема да те разрешиме, продолжи да бидеш претседател – но дојди и пред пратениците кажи го тоа што им го кажа на новинарите.“
ТВ 21 веќе објави уште на 4 јуни 2025 година на својот интернет-портал дека ДУИ, партијата на Хасани, поднела интерпелација, односно барање за отповик на Дарко Костадиновски, пишувајќи: „Илир Хасани од оваа партија образложи дека барањето одговорност е поради тоа што Костадиновски со своите изјави околу законот за јазиците го прекршил Уставот, со тоа што рекол дека со него се предизвикало хаос во општеството. ‘Врз основа на кој член од Уставот, или конкретен закон, претседателот на Уставниот суд смее да карактеризира закон како извор на политички и правен хаос и дали е во надлежност на претседателот на Уставен суд да утврди проблеми во спроведување на законот и да предвиди законодавна интервенција? Ваквите изјави ги намалуваат рамките на надлежностите, дефинирани со закон и покренуваат сериозни сомнежи за непристрасноста и објективноста на претседателот на судот.’ – изјави Илир Хасани.“
„Во барањето за одредување одговорност на Костадиновски се наведува дека тој користи дискриминаторска терминологија во комуникација со Венецијанската комисија. ‘Во барањето до Венецијанската комисија, Уставниот суд преку својот претседател го употреби зборот малцинство, кој реално не се појавува во нашиот Устав. Со тоа, Уставот признава само термин немнозински заедници. И секое отстапување од оваа терминологија претставува уставно, но и политичко кршење на Уставот и на законите.’ – наведува Илир Хасани.“
„Од Уставниот суд не сакаат да ја коментираат иницијативата за интерпелација и се повикуваат на претходен став, во кој наведуваат дека судот е независно тело, оти во Уставот не е предвидена можност за разрешување на судија и институтот интерпелација не може да се примени за уставните судии. ‘Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски останува на ставот дека нема да коментира политички изјави и постапки. Во врска со можноста за интерпелација на уставен судија, Судот веќе официјално има соопштено став.“ – велат од Уставен суд.“
„Расправата за законот за употребата на јазиците се одложи, откако Управниот суд го поништи изборот на судијката Елизабета Дуковска, по што Костадиновски рече дека расправата ќе се одржи кога Уставниот суд ќе биде целосен.“ – објави ТВ 21 на 4 јуни 2025 година.






