ВРЕДИ сеуште нема утврдено кандидати за локалните избори

ВРЕДИ сè уште нема утврдени кандидатури за претстојните локални избори, бидејќи процесот на истражување на јавното мислење е во тек, изјави Вицепремиерот Изет Меџити.



– Во моментов немаме точно утврдени имиња, бидејќи од страна на ВРЕДИ се ангажирани сериозни агенции за испитување на јавноста, каде што се обработуваат и темите, и програмите, но и кандидатите на ВРЕДИ за наредните локални избори. Анкетите ќе бидат едни од клучните фактори за ориентација за кандидатурите – изјави Меџити, по отворањето на Македонскиот енергетски форум – MEF25 денеска во Скопје.

Тој посочи дека „албанскиот кампус“ на локалните избори ќе се натпреварува како две политички опции.

– Веќе е искристализирано, во албанскиот кампус има два блока – ВРЕДИ и ДУИ, така што ние на локалните избори ќе се натпреваруваме како две политички опции – нагласи тој.

Додаде дека Арбен Таравари е веќе дел од ДУИ и неговото политичко позиционирање е јасно.

– Во однос на Таравари, тој е веќе дел од ДУИ, дел од тој блок, и може да увидите дека ако претходно беа посебните листи за советници, за да испадне од Вреди, веќе ги заборавил тие листи, туку секојдневно соработува со ДУИ и се спремаат заедно да настапат на избори – рече Меџити.

Според вицепремиерот, оваа поделба на политички опции во албанскиот кампус е здрава за едно демократско општесто.

– Како и да е, Албанците во Македонија имаат две опции, конкуренција на платформи и програми, и тоа мислам дека е здраво за едно демократско општество – рече тој.