„Еден од најважните корени на сите национални несреќи и катастрофи, што му се случуваа на бугарскиот народ во последните десетлетија, лежи во великобугарскиот шовинизам, бугарската идеологија и политика на Балканот и владеењето над соседните народи.“– нагласил легендарниот македонски Гемиџија и револуционер Павел Шатев во својот говор, одржан на 8 декември 1944 година во кино-салата “Славјанска беседа“ во Софија.Претходно, во 1926 година во „Македонско дело – безимени“ тој ги дообјаснил уште порешително својата позиција и својот став: „Да се создаде едно самостојно политичко постоење како единствен македонски народ, слободно да се развива во културно-просветна смисла, да соработува во политички и економски однос со сите други народи во балканските држави, беше заветуван сон за секој Македонец. … за да може македонското население правилно да се развива културно, политички и социјално, потребно е Македонија да се одвои во одделна политичка единица, во одделна држава… Идеалот на Македонецот е создавање една Татковина, одделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот.“ Денес, на 15 јуни, кога се навршуваат 143 години од раѓањето на Шатев, овој великан на револуционерната борба на македонскиот народ за создавање сопствена и самостојна македонска држава, силно одекнуваат овие негови вонвременски и тестаментални пораки, едновремено и негови своевидни завештанија за секое македонско поколение во борбата за Македонија, па и за денешното поколение на македонскиот народ, исправен пред сите предизвици и искушенија.
Сета своја љубов и посветеност кон Македонија Шатев ја искажува и на седницата на Уставотворното собрание во ноември 1946 година, велејќи: “Ние сме мал народ… но со гордост се кажуваме Македонци и сме веќе нација со своја територија, свој јазик, наше економско единство, наша македонска култура. Во минатото, во далечното минато и ние сме дале нешто крупно во историјата. Македонците се први од сите Јужни Словени, што ја примиле цивилизацијата и создале своја писменост, која е лулка на писменоста, како на Бугарите, така и на Србите, на Русите, на Украинците и на други“.
Шатев е еден од ретките револуционери кои ги преживеале и учествувале во сите фази на македонското ослободително движење. Живеел 69 години. Издржал три затворски казни во траење од 11 години, четири војни и 50 години бил учесник во македонското револуционерно движење. Тој бил осудуван на смрт двапати: во Турската Империја и во Бугарија. Но го уапсила неговата, македонска држава, на која ѝ го посветил сиот свој живот, и таа македонска држава придонела тој да биде измачуван и да заврши трагично во затвор во Битола во 1951 година. Она што не им успеа на турскиот султан Хамид и на бугарскиот цар Борис III, тоа им појде од рака на Тито и Лазар Колишевски.
Павел Шатев (15 јуни 1882, Кратово – 30 јануари 1951, Битола) во 1903 година им се приклучува на младинската анархистичка група „Гемиџии“, или познати и како „Солунските атентатори“, кои таа година во столицата на Македонија Солун ја изведуваат својата величествена акција, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој Македонците, еднакво како и сите други народи, сите ќе живеат слободни и рамноправни. „Да слушне цела Европа, да дознае стариот континент дека Македонија е сѐ уште поробена, но и оти има луѓе, кои крваво ќе се жртвуваат за својот народ, зашто и тој има право да живее.“ – со оваа парола Гемиџиите го затресуваат Солун. Шатев е задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција е успешно извршена, при што бродот бил запален, а сите патници биле спасени.
Од Гемиџиите преживува само Шатев. Уапсен е и на судскиот процес на 6 јуни е осуден на смртна казна. Три години го очекува погубувањето во солунскиот затвор Еди Куле, но на 23 април 1906 година смртната казна му е заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара. Во 1908 година, по Младотурската револуција, добива амнестија и повторно доаѓа во Солун. По кусиот престој во Македонија, заминува во Брисел, каде што студира на Правниот факултет. Во текот на Првата светска војна е мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија. Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација е избран како нејзин претседател. Воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година е професионален разузнавач за СССР. Игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест. Од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Oбединета). Во 1931 година се враќа во Бугарија.
Пред почетокот на Втората светска војна Павел Шатев е потписник на апел – меморандум за решавање на македонското прашање. На 1 ноември 1938 година заедно со Туше Делииванов и Божин Проданов го објавиле апелот „Известување од македонската општественост до светската општествена јавност“, во кој, покрај другото, се барало: „Ставање крај на крајно неподносливата асимилаторска политика во Македонија, признавање на правата на Македонците да се третираат како самостојна народносна единица и обласно самоопределување на одделните делови на Македонија.“
На 10 октомври 1941 година Шатев бил уапсен од полициските власти во Софија под обвинение дека „работел во минатото за создавање на македонска комунистичка организација“ и дека бил „во конспиративна врска со чиновници од советската амбасада, од која што добивал инструкции за организирање и обединување на македонските Бугари-комунисти од новоослободените земји“. Во ноември истата година бил испратен во логорот Крстополе, кај Ксанти, а потоа во логорот „Гонда вода“ кај Асеновград. На судењето во Софија во јуни 1942 година Шатев изјавил: „Јас сум Македонец и се занимавам со македонските работи, не сум комунист“. Со овој став легендарниот Македонец-гемиџија уште еднаш потврдил дека својот живот им го посветил во целост на Македонија и на македонското револуционерно и национално дело. Во јули 1942 година бил осуден на 15 години затвор, бидејќи работел „по македонска линија“. Бил затворен во затворот во Хасково, а подоцна во Ќустендил.
По капитулацијата на Бугарија Павел Шатев во септември 1944 година, заедно со уште 29 македонски револуционери и општественици, припадници на сите струи во македонското револуционерно движење, се јавува како прв потписник на „Апелот до Македонците во Бугарија“, за поддршка на македонската борба за слобода и за создавање македонска држава. Апелот имал цел да ги запознае Македонците во Бугарија дека во Македонија се создаде АСНОМ, кој се застапува за „целосно самоопределување на македонскиот народ“. Избран е како делегат на Првото заседание на АСНОМ. По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската држава. Прво е избран како потпретседател на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. Шатев се спротивува на насилното србизирање на Македонија од страна на комунистите.
По судирот на Југославија со СССР околу Резолуцијата на Инфорбирото, во јуни 1949 година Шатев е уапсен „како можен непријател на државата“. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, а потоа е испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан во неможни услови. Истоштен од животот, а најмногу од доживеаниот очај, за кусо време се разболува и бидејќи не му било дозволено да се лекува, Шатев во 1951 година починува беспомошно. Властите не дозволуваат да биде погребан во родното Кратово. Закопан е на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.






