„Заменичката-министер за транспорт Калтрина Зеколи-Шаќири реагираше остро кон наследството од владеењето на ДУИ, обвинувајќи ја оваа партија за систематско поттикнување и ширење на коцкањето во општеството.“ – извести информативниот портал на албански јазик „Фол“ во својата вест со наслов „Зеколи-Шаќири: ДУИ играше коцка со Албанците, но Вреди донесува правда“, пренесувајќи ја оваа објава од фејсбук.
На општествената мрежа заменичката-министер за транспорт Калтрина Зеколи-Шаќири напиша: ДУИ не се занимаваше со политика, оваа секта сееше коцкање и жнееше само сиромаштија! Ни ги преполнија нашите населби со казина. Нашите телефони беа окупирани од коцкање преку интернет. Уништуваа семејства, го продаваа достоинството. Со години играа коцка со судбината на Албанците.
Но ѝ дојде крајот на нивната игра. Вреди не е продолжување на криминалот, туку е неговиот крај. Ќе има правда. За секое дете, за секоја мајка, за секое повредено семејство! – порача преку фејсбук Зеколи-Шаќири.






