Никола Петров Русински (21.11.1875-14.6.1943): Македонија не е српска, ниту грчка, ниту бугарска! Македонија е на Македонците!

„Македонија не е ниту српска, ниту грчка, ниту бугарска, ниту турска! Македонија е на Македонците!“ – порачал во почетокот на јули 1901 година Никола Петров Русински, кој во македонската национална историја останува запаметен како близок соработник на Гоце Делчев, Васил Главинов и на други истакнати македонски револуционери, но и како еден од основачите на четничкиот институт на Македонската револуционерна организација (МРО). Под влијание на левичарските идеи влегува во Македонската социјалистичка група на Главинов, која имала јасен став за македонското прашање, односно за создавање одделна македонска република. Во почетокот на XX век во македонското националноослободителното движење силно блеснала личноста на социјалистот Никола Петров Русински. Тој  целиот живот го посветил на идејата „Македонија за Македонците“, како и за економска правичност за сите жители без разлика на нивната етничка или религиозна припадност. Русински бескрајно многу ја сакал својата татковина, за него „цела Македонија му била роден крај“, како што велел. Денес се навршуваат 82 години од неговата смрт.



Соработник на Гоце Делчев и на Васил Главинов

Никола Петров е роден на 21 ноември 1875 година, во селото Русиново, Малешевско. Во периодот од 1893 до 1895 година престојувал во Цариград, каде што се образовал и тогаш се запознал со левичарските идеи. Од септември 1895 до март 1897 година учел во подофицерското училиште во Софија и им бил близок пријател на Гоце Делчев и на Васил Главинов. Во 1895 година се вклучил во редовите на македонското револуционерно движење. Во 1897 година, Русински станал четник во првата чета на Македонската револуционерна организација (МРО) во Малешевијата, предводена од војводата Васил Чочов. Истата година, учествувал во киднапирањето на Назлим-бег, кое го раководел Гоце Делчев, а подоцна се приклучил и во четата на Гоце Делчев.

Во 1898 година, Никола Петров Русински се запознал со Васил Главинов, кој во Софија ја формирал Македонската социјалистичка група. Русински како социјалист се вклучил кон групата во која членувале Велко Марков, Никола Карев, Димо Хаџи Димов, Лазар Главинов и др. Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, социјалистите, меѓу кои и Русински, се залагале за ослободување на Македонија и ги истакнале слоганите „Македонија за Македонците“ и „Ослободувањето на Македонија е работа на Македонците“.

Инструктор на четничкиот институт на Македонската револуционерна организација (МРО)

На 3 март 1901 година, Битолскиот окружен комитет го назначил Никола Петров Русински за војвода на Крушевско–демирхисарскиот реон. На 28 ноември 1901 година во селото Велгошти, Русински го презел раководството над охридската чета. Во сите села уредил комитети, терористички групи, каси, стражи, ракување со оружје и собирање средства за набавка на оружје. Русински со својата чета во охридскиот регион бил заштитник на угнетеното македонско наеление Охридско. На 18/31 мај 1902 година четата на Русински го ликвидирала турскиот великодостојник од Охрид Беџет бег. Во врска со засилените репресалии на официјалната вилаетска власт кон македонското население, Русински испратил обемно отворено писмо до битолскиот валиja Едип-паша, во кое на крајот ја упатува заканата: „Ако пак вие продолжите да ,умиротворувате’ со вашите методи, ние нема да се молиме, туку ќе преземеме мерки и ќе натераме Турчин да не се појави по патишта и крстопатишта. Од Горскиот началник во Охридско, кој се наоѓа секаде и никаде“.

Русински како војвода во Охридско и Струшко останал до ноември 1902 година. Учествувал и на Смилевскиот конгрес. Бил против масовно востание бидејќи сметал дека четите и населението не биле доволно подготвени. Но ги прифатил одлуките донесени на Смилевскиот конгрес. Истовремено, заедно со Петар Ацев, Тале Христов, Јордан Тренков и Георги Пешков, Русински бил член на штабот на Прилепското горско началство за Мариовско. Во текот на Илинденското востание Никола Русински дејствувал во Мариово и командувал и со леринските чети, кои се засолниле во Мариовско, откако се извлекле од тешката ситуација во Леринскиот реон. Двегодишната предилинденска револуционерна дејност на Никола Петров Русински во Битолскиот округ на Македонската револуционерна организација ги нагласува неговите исклучителни заслуги за изградба на четничкиот институт, за омасовување на македонското националноослободително движење. Неговите траги силно ќе се одразат врз во Илииденското востание и Крушевската република. Оттаму произлегува крупниот придонес на Русински во споменатиот период за македонската националноослободителна борбаа нашево совремие.

Подоцнежни години

По Младотурската револуција, во 1908 година Никола Русински легално живеел во Битола, посветувајќи им се на социјалистичката пропаганда и синдикалното движење. Учествувал во Балканските војни, по чие завршување бил кандидат на парламентарните избори во пиринскиот дел на Македонија. Набрзо потоа, со почетокот на Првата светска војна, тој бил мобилизиран. Во времето на фашизмот во Бугарија учествувал во антифашистичкото движење и ги криел комунистичките илегалци. Никола Русински умрел во крајна беда на 14 јуни 1942 година во Софија. Автор е на книгата „Придонес кон историјата на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација – за времето 1900 – 1903“, објавена во 1936 година. Во 1997 година, во Скопје, се издадени неговите „Спомени“.

Извори: Научна статија на проф.д-р Димитар Димески „Придонесот на Никола Петров Русински во Битолскиот револуционерен округ (1901—1903 год.), статија на „Нова Македонија“ „Човекот што беше поборник на идејата ‘Македонија за Македонците“ и статија на „Македонска нација“ „Никола Петров Русински“