Македонскиот е сѐ помалку јазик, на кој комуницираат сите етникуми! Законот за јазици ја претвора унитарна Македонија во „јазична федерација“!

Пишува: Свето Тоевски



„Албанците треба да знаат македонски јазик, но зошто да не го учат и Македонците албанскиот јазик?!“ – со овој став пред неколку дена Имерлие Салиу, пратеничката од албанската коалиција Вреди го реактуализира прашањето на употребата на албанскиот јазик во Македонија. Таа изреагира, откако премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека ќе го разреши директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците Арсим Идризи, ако одбие уште еднаш да се обрати на македонски јазик. Во инцидент во Собранието Идризи не сакаше да проговори на македонски пред новинарите, упатувајќи ги на писмено соопштение, а првин се произнесе на албански јазик. Врвните експерти-македонисти од Институтот за македонски јазик уште во 2017 година предупредија: „Се воведува двојазичност на целата територија на РМ, иако во две третини од неа нема албанско население. Македонскиот јазик го губи својството на официјален јазик, на којшто ќе комуницираат сите етникуми. Албанскиот јазик се издига над сите други јазици во РМ, вклучувајќи го и македонскиот јазик.“

Како што објавуваат информативните агенции, пратеничката Салиу во објава на фејсбук истакнала дека „Албанците во С.Македонија треба да го знаат македонскиот јазик, но и Македонците треба да го учат албанскиот јазик“. „Албанците во С.Македонија треба да го знаат македонскиот јазик, не само затоа што е официјален државен јазик, туку уште повеќе: заради полесна комуникација и почитта, што треба да ја имаме кон нашите сограѓани-Македонци. Но, колку македонски политичари и новинари знаат два-три збора на албански јазик? Парадоксално, странските дипломати кои доаѓаат и престојуваат во Македонија неколку години, учат малку албански, додека македонските политичари и новинари не сакаат да научат две-три работи на албански јазик, ниту заради почитување на неговиот статус во државата, ниту заради полесна комуникација, дури ниту од почит кон албанските сограѓани.“

Според новинските агенции, кон објавата на Имерлие Салиу се надоврзал и професорот по евроинтеграции од државниот Универзитет Мухамер Пајазити. Во своја колумна посочил „10 причини зошто Македонците треба да го учат, а не да го мразат албанскиот јазик“. Пајазити првин тврди дека „повеќето Македонци, и покрај тоа што со векови сопостојат со Албанците, сè уште одбиваат да го учат нивниот јазик, но и не само што не покажуваат интерес да го учат, туку и честопати го мразат и отворено му се спротивставуваат“.

Натаму, тој вели дека „ќе има многубројни придобивки, ако Македонците го променат својот начин на размислување и ако го прифатат албанскиот јазик како заедничко богатство’. Потоа ги наведува „десетте причини, поради кои Македонците треба да го учат и да го почитуваат албанскиот јазик“, од кои дел се и следниве: „Познавањето на албанскиот јазик создава можности за вработување во албанските компании во Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора и Прешевската долина. Тоа е можност за основање бизниси на албанските територии. Јазикот помага во создавање економски врски и отворање нови пазари. Познавањето друг јазик помага во развивање толеранција, емпатија и почитување на разликите. Промовира меѓуетничка толеранција.“

Игнорираното укажување од Институтот за македонски јазик од 2017 година дека „албанскиот јазик е издигнат над македонскиот и сите други јазици во РМ“

Но, каква е, од друга страна, конкретната ситуација во политичкиот живот, во општеството? Од создавањето на државата Македонија македонскиот јазик бил 80 години јазик на општествената комуникација и еден од главните обележувачи на македонската државност. Но, овие белези на македонскиот јазик ги има се помалку, а такви се и нечиите стремежи… Македонскиот јазик не е повеќе единствен службен јазик на целата територија на Македонија: се цели тоа да се однесува и за албанскиот јазик, дури и во меѓународната комуникација да се користат двата јазика напоредно.

Во своја аналитичка статија, објавена во весникот “Нова Македонија“ на 10 февруари 2023 година, во врска со употребата на албанскиот јазик академик Катица Ќулафкова вели дека воведената двојазичност е и „воведување двонационалност во функционирањето и во претставувањето на државата“. Според неа, двојазичноста „го игнорира фактот дека со законот за јазикот, што го говорат 20 отсто од населението, кој е донесен во 2008 година, веќе се регулирани, дури и повеќе од оптимално,  јазичните права и обврски на граѓаните и јазичните заедници во државава“.

„Со законот за јазиците е оштетено стекнатото историско културно, јазично и национално право на Македонците во однос на македонскиот јазик како службен државен јазик на територијата на целата држава. Се релативизира до степен на укинување обврската на граѓаните на Републиката да го учат македонскиот јазик и да го употребуваат во практиката. Македонскиот јазик е маргинализиран со Законот за јазиците. Законот за јазиците институционално ја деградира уставната позиција на македонскиот јазик како државен јазик, задолжителен за сите граѓани на Македонија, а со тоа и неговата улога на кохезивен чинител на државата и на општеството. Законот за јазиците ја загрозува функционалноста на државните установи, особено во делокругот на судството, централната власт, органите за безбедност и во меѓународната комуникација и легитимација на државата. Овој закон ги проблематизира унитарниот карактер на државата и функционалноста на државните институции. – нагласи Ќулафкова во својата спомената статија.

Законот за јазиците и албанскиот како официјален ја претвораат Македонија во „јазична федерација“!

Двата закона за јазиците, донесени во 2008 и 2018 година, уште од тогаш предизвикуваат многубројни и силни реакции во општествено-политичката јавност и секојдневната комуникација и практичното функционирање на државните и јавните институции и органи. На 4 септември 2017 година седумнаесет професори македонисти од Институтот за македонски јазик се огласија со обраќање до Законодавноправната комисија, Комисијата за уставни прашања и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците при Собранието на Македонија, со категоричен став и барање: „Предлог-законот за употреба на јазиците треба да биде повлечен од натамошна постапка“. Но ова барање од Институтот за македонски јазик наиде на игнорирање од политичарите. Веќе во наредната 2018 година беше донесен новиот Закон за јазиците со уште попроблематични одредби.

Прогласувањето на албанскиот јазик како официјален во употреба во целата земја и двојазичноста вообличуваат две „зони на лингвистичката територијалност“: сега постојат два државно официјални јазика – македонскиот и албанскиот, како и четири регионално официјални малцински јазици: српскиот, ромскиот, бошњачкиот и влашкиот јазик. Во значителен број општини и села исцело со албанско население и сега постојат „зони на еднојазичност“ – со употреба целосно, или во најголема мера само на албанскиот јазик. Законот за јазиците создава услови албанскиот јазик да си воспостави зони на сопствена „лингвистичка територијалност“. Законот за јазиците ја претвора унитарната држава Македонија во своевидна „јазична федерација“ во практиката!

„Регионалните 70 јазици во Франција се признати во уставот, но тоа не им дозволува на нивните говорители никакво посебно право да го користат својот јазик во јавноста!“

Во Франција дел од нејзиното вкупно население од околу 68,6 милиони жители се и околу 7 милиони Бретонци, околу 300 илјади Баски, оцитанската етничка група со околу 100 илјади жители… Нивните и други јазици во Франција се дел и од образовните програми во двојазичните училишта. Во својот труд „Франција и јазикот (јазиците): стари политики и нови предизвици во образованието. Кон возобновена рамка?“ Џемс Коста, лингвист од Универзитетот „Нова Сорбона“ од Париз, и Патриција Ламбер, лингвист од Високата Школа во Лион, Франција, нагласуваат дека „повеќе од 70 јазици се евидентирани во Франција“. „Сепак, ниеден од нив не е на ниеден начин признат како службен во кој било дел од француската територија. … Регионалните јазици во Франција сега се признати во уставот како дел од националното наследство, но тоа не им дозволува на нивните говорители никакво посебно право да го користат својот јазик во јавноста.“ – укажуваат овие реномирани лингвисти во својот научен труд.

Македонија е претворена во поле не само за крупни политички експерименти, туку и за опасни јазични експерименти. Исходот од навестената расправа за законот за јазиците во Уставниот суд на Македонија ќе одреди што ќе се случува натаму околу тие јазични опити, што се одвиваат веќе 17 години и кои сериозно го попречуваат нормалното функционирање на македонската држава, имајќи неизбежен одраз и врз меѓуетничките односи…

(Авторот изнесува во оваа колумна наоди и согледувања од сопствена објективна политичко-лингвистичка анализа, кои немаат поврзаност со програмски заложби на ниедна политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум во Република Македонија)