Експертот за Блискиот исток Раби Седрак од
Институтот за меѓународни стратешки и безбедносни студии предупредува дека светот се соочува со најопасната ситуација во историјата на Блискиот Исток.
Според Седрак кој десетина години живее во Македонија ако Иран одлучи силно да возврати, особено ако израелските напади уништиле некои или повеќето од неговите нуклеарни постројки, тогаш целиот регион официјално ќе биде втурнат во најголемата и најопасна регионална војна од Заливската војна.
,,Прифатлив одговор во овој случај би бил ништо помалку од бомбардирање на Тел Авив со ракети и воздушни напади, напаѓање на американските бази во Ирак или Сирија и активирање на ирански посредници како Хезболах и Хутите за отворање директни фронтови со Израел и Америка”, смета Седрак кој пред десетина дена предупреди дека брзо може да дојде до хаос на Блискиот Исток.
,,Наредните часови би можеле да бидат најопасните во историјата на Блискиот Исток во последните години.
Израел почна да го бомбардира Иран и досега бомбардираше 20 нуклеарни постројки за неколку минути.
Точно како што предвидов во прошлата недела”, вели Седрак.
Неговата анализа во продолжение:
Израел објави дека го таргетирал главниот објект за збогатување ураниум на Иран во Натанц, таргетирајќи истакнати ирански нуклеарни научници кои работат на иранска нуклеарна бомба.
Резултатот досега е напад врз повеќе од 20 чувствителни нуклеарни и воени цели во Иран, вклучувајќи ги и областите каде што живеат лидерите на револуционерната гарда. Исто така, има вести за обид за атентат врз самиот началник на Генералштабот на иранската армија!
По експлозиите во Техеран и официјалното признание на иранската телевизија за нападот, Израел прогласи вонредна состојба, го затвори својот воздушен простор и ги замоли луѓето да останат во засолништа како подготовка за каков било ирански одговор со ракети или беспилотни летала. Всушност, Иран ги подготвува своите балистички ракети, а борбените авиони веќе полетаа.
Израелскиот министер за одбрана, изјави дека нападот имал за цел да го спречи Иран да произведе 15 нуклеарни бомби во наредните месеци, особено затоа што Иран има илјадници балистички ракети и веќе ги дистрибуира до своите сојузници во регионот. Иако Иран сè уште не објавил официјални детали за загубите, извори од опозициските медиуми велат дека три станбени згради биле погодени и целосно уништени во населба каде што живеат високи команданти на Револуционерната гарда.
Веднаш по нападот, цените на нафтата скокнаа и се очекува да растат дополнително поради страв од прекини во снабдувањето или одмаздата од Иран со удар врз нафтените постројки во Заливот. Цените на криптовалутите исто така паднаа. Биткоинот падна за неколку % на помалку од 104.000 долари, а Етериум моментално исто е намален за неколку % на 2.500 долари.
Израел изјави дека операцијата не била насочена кон промена на режимот во Иран, туку кон уништување на нуклеарната и ракетната инфраструктура што ја загрозува неговата безбедност. Се очекува операцијата да продолжи неколку дена.
Според претставници на американската администрација, иако САД и Трамп го знаеле времето на нападот, тие не биле директно вклучени во него. Секако, тие се обидуваат да ја одвратат вината од себе, плашејќи се од одмазда на Иран со бомбардирање на американските бази во Заливот. Затоа се повлекуваат вработените и нивните семејства од Ирак, Бахреин и Кувајт вчера.






