„Новиот министер за здравство го започна својот мандат со етничко чистење на Албанците во Националната комисија за дијабетес!“ – ова колку неверојатно, толку и апсурдно и неосновано, бесмислено тврдење на крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците, го пренесуваат весникот „Лајм“, „Тетова сот“ и повеќе други медиуми на албански јазик во Македонија, заедно со соопштението на Таравари и неговите сопартијци од АА. Промената на член во составот на национално стручно тело да се гледа врз етничка основа и да се смета тоа како „етничко чистење на Албанците“ е далеку од секој здрав разум! Во Националната комисија за дијабетес критериум за членување е и би требало да биде пред се само стручноста и професионалната, медицинска квалификација.
Натаму, во своето јавно истапување Алијансата за Албанците на Арбен Таравари наведува: „Новиот министер за здравство Азир Алиу одлучи да го промени составот на Националната комисија за дијабетес. Во новиот состав е забележливо етничкото дислоцирање: претходниот претседател на комисијата д-р Танер Хасан – Албанец – е заменет со д-р Ивица Смилковски – Македонец. Оваа комисија претходно имаше поврамнотежена етничка застапеност, но сега останува само еден Албанец, а е додаден уште еден член-Македонец.“
„Овој развој на настаните предизвикува сериозна загриженост за еднаквоста и пропорционалната застапеност во јавните институции, особено во структурите, што директно влијаат на здравствената политика и благосостојбата на граѓаните. Одлуката на Азир Алиу да ја намали застапеноста на Албанците во ова професионално тело не е случајност, туку дел од продолжувањето на агендата на ВМРО-ДПМНЕ, која министерот педантно ја спроведува.“
„Она што го изгради Арбен Таравари како министер – поправична и попрофесионална застапеност на Албанците во здравствениот систем – се уништува уште од првите денови на мандатот на Азир Али, кој дојде на функцијата со одобрение на Христијан Мицкоски. Алијансата за Албанците изразува длабока загриженост за овој развој на настаните и потсетува на животната важност на правичната и сразмерна застапеност на Албанците во сите државни структури. Ваквите еднострани одлуки им наштетуваат на меѓуетничката кохезија, довербата на граѓаните и правилното функционирање на државата.“ – тврди АА на Арбен Таравари.






