КЗК: „Д-р Пановски“ и „Фарма трејд“ – Скопје со забранет договор одредувале цени на инсулин, ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи

Вишиот управен суд со пресуда го потврди решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), со што таа утврди дека две големи веледрогерии – АД „Д-р Пановски“ и „Фарма трејд“ ДООЕЛ – Скопје, склучиле забранет договор – картел при учество во постапка за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, информираат денеска од КЗК.

„Се работи за јавна набавка, што во 2016 година е распишана од страна на Министерството за здравство на Република Македонија. Притоа двете веледрогерии спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата склучиле забранет договор – картел. Свесно и со намера да здобијат противправна имотна корист на штета на државата го замениле принципот на слободна конкуренција на пазарот со забрането договарање на продажните цени на лековите.“ – појаснуваат од КЗК.



Комисијата за заштита на конкуренцијата истакнува дека „при откривање и документирање на овој картел го имала предвид домашното законодавство, но и судската пракса на Европската Унија“. „За учество во предметниот картел Комисијата со решението изрече прекршочни санкции глоба на ‘Д-р Пановски’ во износ од 1 милион и 61 илјади евра, а на ‘Фарма трејд“ 721 илјади евра.“ – додава КЗК.

Како што се посочува, висината на наведената глоба е во сооднос со штетата, што му е нанесена на буџетот на државата. „Решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата е потврдено од страна на Управниот суд и Вишиот управен суд и тоа е правосилно и извршно. Претпријатијата треба да ја платат глобата во законски утврдениот рок. За откриениот картел ќебиде поднесено соодветно известување до Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство, заради натамошно постапување од нивна страна во соодветна кривична постапка.“ – нагласува Комисијата за заштита на конкуренцијата.

МИА