Поранешниот командант на ОНА, Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа, ќе биде советник за безбедност на премиерот Зоран Заев.
Потврда на оваа информација доаѓа од претседателот на Управниот одбор на ПУИК, Џеват Исени, кадар на СДСМ. На својот „Фејсбук“ профил, тој сподели фотографии од Хоџа како излегува од Владата. Честитајќи му за новата функција, напиша:
„Не ја изневери крвта на паднатите борци, не го изневери даденото ветување. Денес предавниците треба да се соочуваат со вас чело со чело и очи во очи и во владините институции. Командант Џезаир Шаќири Хоџа, се гордееме со вас“, пишува Исени.
На Хоџа му честиташе и Хади Османи, кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Липково на последните избори.
„Командант Хоџа сега е командант на Владата, слуга на народот и на граѓаните на Македонија. Мојот почитуван пријател на крај ја победи и последната битка против диктатурата на Никола Груевски и, благодарение на двајцата мои пријатели Зоран Заев и Џеват Исени, ја доби и заслужената награда и задача“, пишува Османи
Командант Хоџа со години се криеше во скопско Танушевци од македонските истражни органи кои го бараа со потерница, но нема одговор дали МВР постапува по потерниците по него.





