Пресврт или Византиска политика – Бугарскиот премиер тврди дека Бугарија нема никаков спор со Македонија

Бугарија нема нерешени билатерални спорови со Република Македонија, изјави премиерот Росен Жељазков од собраниската говорница.



Неговите забелешки доаѓаат во контекст на тековниот процес на пристапување на Македонија во ЕУ и следат по неодамнешната едногласна одлука на Бугарското национално собрание во врска со патот на земјата кон членство во Европската Унија.

Жељазков потсети дека сите прашања меѓу двете земји се решени со потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедски односи од 2017 година.

Со оваа официјална позиција бугарската влада неформално дозволува Македонија своите проблеми да ги решава со Брисел каде според Софија постои проблем.

Се разбира бугарскиот премиер смета на тоа дека Брисел не може да донесе одлука која е спротивна на позицијата на Бугарија затоа што Софија може да стави вето и на одлуката на ЕУ.

Друго прашање е дали Бугарија ќе може да го издржи притисокот од Брисел доколку таму биде решено Македонија брзо да почне преговори и да влезе во ЕУ а таков геостратешки интерес има и Вашингтон.

Позицијата на Софија произлегува од сегашната преговарачка рамка на ЕУ за членство на Македонија која се базира на таканаречениот „француски предлог“, усвоен за време на претседателството на Франција со ЕУ.

Оваа рамка според Софија ги опишува обврските што Македонија мора да ги исполни и јасно ги става тие барања во мултилатералниот контекст на процесот на пристапување во ЕУ – а не во сферата на билатералните односи.

Тој нагласи дека тековната евалуација на напредокот на Македонија, вклучително и извештајот што моментално се дискутира во Европскиот парламент, не треба да се толкува како билатерално прашање. Според Жељазков, одложувањата во објавувањето на тој извештај и начинот на кој се справува со прашањето од страна на комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент се дел од процедуралните случувања во Брисел, а не резултат на тензиите меѓу Бугарија и Македонија.

Кругови во Софија тврдат дека ваквата позиција на Софија е опасна затоа што во ЕУ постојат повеќе земји кои што ќе го блокираат влезот на Црна Гора и Албанија ако во групата која треба да влезе во унијата не е Македонија.

Според Бугарки експери во голема дипломатска трговија каде главниот збор ќе го имаат Париз, Берлин и Вашингтон Бугарија нема шанси да се спротистави на геостратешките интереси на големите сили кои не сакаат да ја остават Македонија надвор од ЕУ како цел на Русија и Кина.

Жељазков истакна дека ставот на Бугарија за содржината на нацрт-извештајот е јасно искажан, при што членовите на Европскиот парламент од сите бугарски политички групи – избрани да ги претставуваат интересите на земјата – зборуваат со еден глас. Нивниот став е во согласност со декларацијата усвоена од бугарскиот парламент и ја нагласува единствената и транспарентна позиција на Бугарија по ова прашање.

Бугарија ќе ја задржи оваа позиција цврсто и одговорно, без да дозволи прашањето да се преформулира како билатерален спор, рече премиерот.