Има ли спас за македонското судство? И покрај сите критики и напорите од власта состојбите не се менуваат

Хаосот во судството не стивнува. Се делат пасоши за да се оди на матура, се бираат нови судии во повисоките судови и наместо судиите да бидат разрешени за нивните скандалозни одлуки, поминуваат само со казна од нивните колеги во Судскиот совет. Од се досега што виде јавноста, куршум не ги бие судиите без разлика на нивната одлука и реакциите во јавноста, пишува ТВ АЛФА.



Последниот случај во кој судиите не се знае по кој пат донесоа скандалозна одлука и му дадоа пасош на биснисменот Асмир Јахоски за да отпатува на Босфор, покажа дека со полни џебови не се седи во притвор, додека Обвинителството истражува дали тој е дел од  злоупотребата на 167 милиони буџетски пари со набавка на отровен мазут.

Адвокатот Сашо Дуковски во изјава за телевизијата вели дека тоа што судиите овозможиле газдата на „Пуцко Петрол“,да не ја пропушти матурата на Босфор испратиле горлива порака до граѓаните, а тоа е дека во Македонија со пари се купува се што сакаш.

Според адвокатот, ваква судска пракса досега не била видена. Тој појаснува дека застапувал поранешни пратеници и министри, па и со многу поголеми причини од семејни прослави, не им биле враќани пасошите. Дуковски вели дека одамна македонското судство е во колапс и никако да мрдне од мртва точка.

Од владејачката ВМРО ДПМНЕ побараа од надлежните да постапат, а Судскиот совет да го разреши судијата што му даде пасош на Јахоски. Сепак, Судскиот совет нема намера да истражува како и зошто му е вратенот на Јахоски. За претседателот на Судски совет, Александар Камбовски аргумент е што обвинителството се согласило Јахоски да добие пасош со важност од шест месеци.

Инаку тројцата судии Ѓоко Ристовски, Тања Милевска и Лидија Зимбовска од скопска Апелација одлучија да му дозволат на Јахоски да си извади времен пасош. Вишото обвинителство дало позитивно мислење и тие прифатиле.

Извор: https://alfa.mk/i-pokraj-site-kritiki-i-naporite-na-vlasta-makedonskoto-sudstvo-nikako-da-se-pomrdne-od-mrtva-tochka/