Опсегот на употреба и уставните измени, двете барања на кои инстистира Грција, остануваат камен на сопнување во однос на разликата за името на Македонија и по денешната средба на министрите за надворешни работи Никос Коѕијас и Никола Димитров во Солун.
„Ако се случеше да има решение, немаше да бидам овде. Ќе правев забава. Но, мислам дека ќе правиме забава ако успееме. Тоа ќе биде најрадосниот момент за мене. На двете страни им е јасно дека не треба да се гледа кусогледо. Треба да се фокусираме на значењето на проблемот. Англичаните би рекле „променувач на играта“ – ако копчето се притисне, играта ќе се смени. Двете страни сè повеќе сфаќаат дека нашиот голем геостратешки проблем не е во односите меѓу нас. Сите созреваме преку преговорите. Тоа не го мислам само јас, туку и другата страна. Се надеваме дека никого нема да разочараме. Сега тие треба да го донесат нивниот компромис. Мислам дека тие се луѓе со добра волја и можат да демонстрираат политичко лидерство“, рече Коѕијас пред новинарите по средбата со Димитров.
Неговиот македонски колега не се согласува дека разговорите западнале во ќорсокак, иако едно до две прашања, според него, остануваат најтешка пречка за доближување на ставовите на двете страни.
„Влогот е многу голем. Разговаравме. Иако сме министри, сега сме во функција на луѓе што најмногу и најдиректно се среќаваат и разговараат. Во таа смисла, истражувавме опции и комбинации, за да видиме дали можеме да се приближиме за тие едно или две од најтешките прашања што останаа. Зборот ќорсокак јас не би го употребувал“, изјави Димитров.
На 16 мај двајцата шефови на дипломатиите ќе имаат нова средба во Атина, по која ќе им се придружи и медијаторот Метју Нимиц.





