„Ако продолжи да се распаѓа Охридскиот договор под притисок на националистичките елити, тогаш ќе се отвори ‘Пандорината кутија на злото’. Тој договор го губи својот статус како темелен елемент на внатрешната стабилност и евроатлантската ориентација на државата. Тоа ќе поттикне барања за нов општествен договор. Македонија може да се најде на патот на неповратна поларизација.“ – тврди Скендер Асани, доктор по историски науки и редовен професор во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, во својата колумна со наслов „Охридскиот договор: од историски компромис до тест за идната демократија“, во која можат да се забележат и некои ставови со одредена заканувачка интонација.
Покрај другото, во колумната, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“, Асани пишува: Охридскиот договор не е прашање на минатото – тој е најсериозниот тест за демократската иднина на С.Македонија. И во овој тест, неуспехот да се зачува неговиот дух е неуспех да се изгради држава која целосно припаѓа на европското семејство. Охридскиот договор се третира како дел од минатото, а не како компас за иднината. Се одбегнуваат некои од клучните столбови на овој дговорот, особено оние поврзани со гарантирањето на институционалната еднаквост и употребата на јазикот како елемент на идентитетот. Договорот го губи својот статус како темелен елемент на внатрешната стабилност и евроатлантската ориентација на државата.
Договорот од 2001 година ја уредуваше меѓуетничката рамнотежа и служеше како стратегиски водич за ориентацијата на државата кон евроатлантските структури. Неговиот дух, изграден врз вредностите на сеопфатност и вклучување, еднаквост и дијалог, беше во целосна согласност со принципите на Европската Унија и НАТО – структури кои бараат високи стандарди на функционална демократија и човекови права. По повеќе од две децении се забележува обид да се намали, или да се релативизира фундаменталната улога, што ја има овој договор во уставната и правната архитектура на земјата. Ова го постепено го поткопува нејзиниот пат кон европската интеграција.
Ако продолжи да се распаѓа Охридскиот договор под притисок на националистичките елити ако ним им се додадат влијанијата на надворешните чинители со јасна противалбанска и противевроатлантска ориентација, тогаш се соочуваме со реалната опасност да се отвори „Пандорината кутија“. Во таквото сценарио делегитимизацијата на постојната архитектура на политичкиот соживот би произвела не само криза на претставување и би поттикнала барања за нов општествен договор. Тоа би бил проект, кој би ја реформатирал државата. Тоа би создало нова меѓуетничка напнатост и би ја поместило Македонија од патот на демократскиот консензус кон патот на неповратна поларизација. – наведува Асани во својата колумна.






