Скандалозно „лицитирање“ на Нѓела со територијата на РМ: Откако Бугарија ќе го земе бугарскиот дел, кој ќе го земе албанскиот – Албанија, или Косово?!

Бугарија ќе си го земе својот бугарски дел од С.Македонија, но прашањето е: кој ќе го земе нашиот албански дел од С.Македонија: Албанија, или Косово, по што ќе уследи и формирањето  на третата албанска држава во Балканот?“ – со ова скандалозно „лицитирање“ со инаку неделивата територија на унитарна и суверена Република Македонија се огласи контроверзниот албански политичар и адвокат Спартак Нѓела во своето писание со наслов „Кој ќе го земе албанскиот дел во С.Македонија: Албанија, или Косово?“, кое во облик на некаква мини-колумна го објавија информативната агенција Илирија-ИНА од Македонија, весникот „Бота сот“ од Приштина, од Косово, како и други медиуми на албански јазик од Балканот. Се наметнува и дилема како и зошто овие колку небулозни, толку и сепак опасни ставови на Спартак Нѓела добиле еден релативно голем публицитет во балканскиот медиумски простор… Инаку, Нѓела е сега адвокат, а бил министер за правда на Албанија во 1997 година, основач на албанската партија Закон и правда во 2008 година и пратеник во албанскиот Парламент од 2005 до 2009 година.



Пренесувајќи ја „анализата“ ем „прогнозата“  на Спартак Нѓела, агенцијата Илирија ИНА наведува: „Тој направи анализа на двете албански држави Косово и Албанија. Притоа го покрена прашањето: што ќе се случи со албанските територии во С.Македонија и Чамерија (во Грција – заб.прев.)? Откако ќе го земе Бугарија бугарскиот дел од С.Македонија, кој ќе го земе албанскиот дел од С.Македонија: Албанија или Косово?“

„Албанскиот адвокат Нѓела исто така истакнува: Албанија е многу силна, бидејќи е во НАТО. Косово е многу силно, затоа што има американска заштита во себе. С.Македонија наскоро ќе биде трета албанска држава. Но, по овие случувања, што ќе прават и Албанците од Чамерија? Дали и тие ќе формираат албанска држава? Ова е нашата ситуација денес. Ова е всушност арберорски процес, што ќе започне и кој ќе овладее со сиот албански свет на Илирскиот Полуостров. Ова се очекува да се случи, бидејќи само ние, Албанците, во нашите две држави, сме најпроамериканското општество во Европа.“