Жестока реакција на Илка Нуредини кон Таравари: Кој ја продава АА, се продал самиот себеси, а не неа – Никогаш со ДУИ!

„Кој ја продава Алијансата за Албанците, се продал самиот себеси, а не оваа партија! Никогаш со ДУИ!“ – со оваа објава преку фејсбук изреагира Илка Нуредини кон Арбен Таравари, лидерот на Алијансата за Албанците, откако тој ја разреши од функцијата претседателка на партискиот Форум на жени. Ова го објави информативниот портал на албански јазик Алмакос.

Натаму, порталот ја пренесува објавата на Илка Нуредини преку општествената мрежа, во која таа во својата жестока реакција му порачува на Таравари: Алијансата за Албанците и нејзиниот Форум на жени не се имот, што се дели во канцеларија со молив и хартија. Алијансата за Албанците и нејзиниот Форум на жени не е ниту приватно земјиште, што се издава под кирија, заради предизборна кампања. Тоа е една колективна доверба, што нема цена и кој ја продава, всушност се продал самиот себеси, а не Алијансата за Албанците!

Мене не ме донесе пазарење, туку гласовите на 608 делегати. Сега се поставува прашањето: вие имате гласови на 608 делегати, или ви беа доволно гласовите само на шестмина?! Нелегалните разрешувања, со измислени формати, не можат да ја сокријат вашата паника, поради еден праведен став.

И ти, Таравари и јас знаеме дека младите од од АА живеат со една едноставна заклетва: никогаш со ДУИ! Пазарењата со ДУИ, која е спротивност на она, што сме ние, правете го во свое лично име, но не и во името на младите од АА! – наведува во својата реакција Илка Нуредини од АА.