Дизајнер Грк се залага сонцето од Кутлеш да биде дел од грчкото знаме

Василис Турикис, графички дизајнер со диплома од политички науки од Студиите по меѓународно право и интелектуална античка историја при Универзитет „Вашингтон“ од Сиетл, со години се залага, а во последно време засилено ја реафирмира својата идеја во државното знаме на Грција да биде вклучено и шеснаесеткракото сонце од Кутлеш.



Според неговиот концепт, кој планира да го промовира на „Хеленик експо 2018“, симболот на македонската кралска династија би бил аплициран во средината на белиот крст во горниот лев агол од државното знаме на јужниот сосед.

„Псевдомакедонците не толку одамна ја ставија македонската ѕвезда на Александар Велики на нивните знамиња, предизвикувајќи протести во Грција. Македонското прашање почна да ми оди на нерви, па си мислев да придонесам со нешто“, го објаснува Турикис мотивот за својот предлог во „Хеленик њуз оф Америка“.

„Факт е дека современото грчко државно знаме е сино-бело и има причини за тоа, но го заборавивме нашето предхристијанско наследство! Нема симбол на него, па го избрав тој“, додава дизајнерот, според кој има многу археолошки докази дека ѕвездата е легитимен симбол на грчкиот народ.

„Македонија е вкоренета во културата, а не е имплементирана на сегашното знаме. Тоа е некомплетно“, констатира тој. „Мислам дека грчкиот народ треба да размисли за тоа ако е сериозно загрижен поради фактот дека Македонците го кренаа знамето со логото и сè што прават е што протестираат. Кога би се вратил Александар Велики, би рекол: ‘Навистина чудно. Јас сум од Грција, но соседите северно и пошироко прават лажни тврдења за мојот идентитет како легитимен Елин!“.