„На достоинствен начин продолжуваме да ги негуваме животот и делото на светите браќа Кирил и Методиј. Нивната благородна мисија обединува и денес.“ – порача премиерот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски во честитката по повод празнувањето на 24. мај, Денот на македонските и сесловенски просветители Светите Кирил и Методиј.
Македонскиот премиер Мицкоски во честитката истакнува: „Од мое лично име и од името на Владата ви го честитам 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Чествувањето на браќата Кирил и Методиј, кои се темелот на писменоста на словенските народи и основачи на словенската азбука глаголица, по која се создаде и кирилското писмо, е доказ дека нивната благородна мисија и ден-денес обединува.“
„Браќата Кирил и Методиј уште тогаш ја претставуваа визијата дека силата на еден народ и на една држава е во образованието и науката и неговата писменост. Токму благодарение на нивната духовност, посветеност, денеска и ние можеме да ја развиваме сопствената култура, образование и наука на мајчиниот јазик. Нашата заложба е преку образованието кое е темелот за опстанокот и развој на една држава да создаваме идни генерации, кои ќе продолжат да ги негуваат вредностите на Македонија.“
„Овие двајца браќа, благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок — писмото, словото, гласот на нашиот идентитет. Таа борба за право на свој глас, право на своја духовност, е основата на нашата вековна борба за самостојност, идентитет, и национално достоинство.“
„Нивната мисија продолжува преку секој ученик, што учи да чита, секој писател што твори, секој наставник што пренесува знаење. Тие не се само минато — тие се вековен мост кон иднината. Нека е честит 24 мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.“ – наведува во својата честитка претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски.






