ОМО „Илинден“–Пирин: Бугарија ѝ ја блокира иднината на Македонија, за да ѝ предизвикува политички кризи, ЕУ да не молчи!

„Бугарија по којзнае кој пат си го покажа своето вистинско лице: повторно притисоци, негирања, блокади и непочитување на македонскиот народ и држава. Ова е само уште еден доказ дека на Бугарија не ѝ е воопшто важно вметнувањето на малубројното бугарско малцинство во Уставот на Република Македонија, туку важно ѝ е да ја блокира перспективата и иднината на Република Македонија, со што би ја слабеела економски и би предизвикувала политички кризи!“реагира ОМО „Илинден“ – Пирин, партијата на Македонците во Бугарија преку својата објава на фејсбук.



„Ете како се однесуваат оние, кои тврдат дека ни посакуваат се најдобро и просперитет, оти  ни се „браќа“ и добри соседи, дека се за европски вредности и оти ги почитуваат конвенциите за правата на човекот. Ако сево ова беше барем малку вистинито и искрено, тогаш на Бугарија воопшто немаше да ѝ биде важно во кој дел од преговорите на Македонија со ЕУ, бугарското малцинство би било вметнато во македонскиот Устав. Европа не смее да премолчува на овие националшовинистички притисоци и на овој говор, кои станаа секојдневие во Бугарија. – нагласува ОМО „Илинден“ – Пирин

Оваа политичка организација на Македонците во Бугарија му упати благодарност на Томас Вајц, известувачот на Комитетот на надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент за Република Македонија, поради Предлог-извештајот, што го изготви тој. Ви благодариме што зборувате во име на угнетените и негираните Македонци, што ја браните вистината и што се борите за човековите права. – му порача ОМО „Илинден“ – Пирин на Томас Вајц во својата објава на општествената мрежа.

Бугарската партија „Има таков народ“ на Слави Трифонов, која има еден европарламентарец и 17 пратеници во бугарското Собрание, ќе бара отстранување на Вајц како известувач за Македонија во Европскиот парламент, поради „противбугарска“ декларација за Македонија. „Има таков народ“ ќе предложи декларација, со која ќе се потврди ставот на Бугарија во однос на Македонија и македонското членство во ЕУ. Станислав Балабанов, заменик-претседателот на пратеничката група на „Има таков народ“, посочи пред новинарите во бугарскиот парламент дека декларацијата ќе им биде презентирана на сите парламентарни групи. „Ќе бидат споменати сите договори и елементи од Преговарачката рамка, за да нема притисок однадвор од Бугарија и за да се направи сè што е можно патот на РСМ кон ЕУ дa биде трасиран, ако ги исполнат нивните услови за пристапување. Во име на ‘Има таков народ’ ги повикуваме премиерот Росен Желјасков, претседателот Румен Радев и министерот за надворешни работи Георг Георгиев да реагираат на темата и да го насочат своето внимание. Исклучително скандалозно е тоа што известувач за темата за РСМ е Томас Вајц, кој е член на групата на ‘Зелените’ и на Европската слободна алиjaнса. “ – изјави Балабанов.

Посебно жестока беше реакцијата на бугарскиот пратеник Балабанов во врска со  Декларацијата на Европската слободна алијанса во врска со македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонското национално самоидентификување и македонско самоопределување. „Европската слободна алијанса е група, која пред помалку од две седмици на својот конгрес во Ница донесе апсолутно противбугарска декларација, во која тврди дека Бугарија спроведува геноцид над некаков македонски јазик, а освен тоа дека Бугарија ги принудува Бугарите во Албанија да се самоопределат како Бугари, додека тие всушност биле Македонци. Зошто се случува ова?“ – рече Балабанов вчера.

Инаку, Европската слободна алијанса (ЕФА) на Генералното Собрание одржано во Нант, Франција, усвои резолуција за заштита на македонскиот идентитет во земјите на ЕУ и земјите кандидати, поднесена од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и ОМО „Илинден“ Пирин. На Собранието бил разгледан извештајот за „Минимални стандарди за малцинствата во ЕУ“ од 2018/2036(INI), при што бил „разгледан фактот дека Македонците се староседелско население на територијата на Бугарија и Албанија и покажуваат посебни културни црти, одржуваат долгорочни и лојални врски со државата и се доволно репрезентативни, иако помали по бројност од остатокот од населението на таа држава“.

Кога станува збор за Македонците во Бугарија за нагласување е и прашањето на претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, изнесено на заедничката прес-конференција по средбата со високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Каја Калас во Скопје: „Каде исчезнаа 200 илјади Македонци во западна Бугарија од 1956 до 1965 година?“.

Прашањето на македонскиот премиер Мицкоски е поврзано со „тврдите“ историографски факти, според кои на пописот од 1956 година во Бугарија како Македонци се изјасниле 187.789 лица или 2,47 проценти од вкупното население од 7.613.109 луѓе. Само во Пиринска Македонија како Македонци се изјасниле 178.862 лица, или 63 отсто од целокупното пиринско население од 281.015 жители. Но, на следниот попис од 1965 година бројот на Македонци во цела Бугарија се свел на 8.750.