Бојан Ал Пинто Бркиќ од белградскиот Форум за меѓународни односи смета дека, ако Македонија го примени црногорскиот рецепт, може да ја престигне Србија на патот кон Европска унија.
„Македонија доби статус на кандидат пред Србија и беше многу блиску до членство во НАТО. Ако го реши спорот со Грција, логично е прво да стане членка на НАТО, а потоа да ги забрза преговорите со ЕУ и да стане членка заедно со Црна Гора и со Србија или веднаш по Црна Гора“, изјави Бркиќ за „Дојче веле“.
Правејќи споредба меѓу Македонија и Србија, тој го поврзува емотивниот набој кај Македонците околу разликата за името со Грција со тој на Србите околу Косово, нагласувајќи дека без решавањето на двете прашања нема влез во ЕУ.
„Се поставува прашањето кој е временскиот рок во кој решението е изгледно и дали е можно Македонија во меѓувреме да ги реши своите преговори со ЕУ? Важно е да се напомне дека Македонија е помала од Србија и по бројот на жители, и по територија, и можно е тоа да биде предност во преговорите со ЕУ“, вели Бркиќ.
Белградскиот политички аналитичар вели дека сето наведено до некаде влијае врз европската перспектива, но тој суштината ја гледа во тоа што „Македонија е земја со многу чувствителни граници и членството може далеку повеќе да придонесе за стабилноста во регионот отколку, да речеме, членството на Црна Гора, на Босна и Херцеговина, па и на Србија“.





