„Македонците пројавуваат шовинистичка хистерија кон Албанците и самите ќе бидат виновни, ако се распадне државата С.Македонија, која веќе оди во тој правец, поради ова нивно однесување!“ – оваа жестока навреда кон сиот македонски народ со нескриени закани и кон постоењето на македонската држава ги изнесува д-р Сунај Раими, професор во Факултетот за општествени науки на државно финансираниот универзитет „Мајка Тереза“ во својата мини-колумна „Дискурсот на распадот на С.Македонија“, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА. Професорот Раими, кој прима плата од истата таа држава, што го финансира универзитетот, каде што работи, своите закани ги дополнува кон неа и со ставот дека „нема да има напредок за оваа држава, која сè уште стои на стаклени нозе, ако не биде целосно официјализиран албанскиот јазик“.
Сунај Раими наведува во своето писание: Ако државата С.Македонија некогаш се распадне (што се чини дека оди во таа насока), ова би се случило само по вина на Македонците! Тоа е, поради нивната шовинистичка хистерија кон албанското население, кое се стреми само кон целосна рамноправност со Македонците.
Ако албанските политички партии не знаат да повлечат црвена линија пред македонската страна, особено во врска со целосното официјализирање на албанскиот јазик (како и српскиот јазик во Косово), тогаш нема да има напредок за оваа држава, која сè уште стои на стаклени нозе.
Ова се прашања од типот „да се биде, или да не се биде“, што се однесуваат на сите политички актери, кои, ќе бидат проколнати од иднината, ако не успеат да го сторат ова! Имајте го тоа на ум!





