Косовскиот премиер Рамуш Харадинај во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“ стави на знаење дека Косово никогаш нема да ја признае независноста на шпанската покраина Каталонија.
„Косово и Каталонија немаат ништо заедничко и аналогијата нема никаква смисла, бидејќи косово настана со распадот на Југославија во крвавиот процес на сите против сите, додека во Шпанија се почитуваат граѓанските и политичките права“, објасни тој.
Харадинај додаде дека од Шпанија „очекува да го прифати Косово како член на Европска унија“ и оти за него „би претставувало чест да го поздрави господинот Рахој (шпанскиот премиер – н.з.), бидејќи би имале за многу нешта да разговараме, на пример за економската и за културната соработка“.





