Скопска Апелација ја прифати жалбата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за одлуката на Кривичниот суд видео снимката во случајот „Поткуп“ да биде пуштена во присуство на јавноста.
Според Апелација јавноста треба да биде исклучена од рочиштето во овој судски предмет кога ќе биде репродуцирана видео снимката поради која премиерот, Зоран Заев, има кривична пријава за поткуп.
Премиерот во неколку наврати бараше јавноста да биде сведок на целата снимка, затоа што со емитување на скратената верзија му била нарушена честа и угледот.
Претходно Судот одлучи да го прифати предлогот на адвокатите на премиерот Зоран Заев јавноста да присуствува на гледањето на снимките, бидејќи според нив снимките кои беа објавени на „Јутјуб“ биле нецелосни. Обвинителството реагираше на оваа одлука и поднесе жалба затоа што снимката е прибавена преку посебни истражни мерки и како таквa подлежи на класификација.




