Звонимир Трајковиќ, советник од 1990 до 1993 година на тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ, тврди дека во Македонија живеат помалку од 17 проценти Албанци, а нивното инсистирање да се прикажат повеќе на Балканот е во функција на создавањето претстава за неопходноста од формирање Голема Албанија!



„Во Македонија живеат помалку од 17 отсто или до 17,5 отсто. Но, за да се добијат некакви бенефиции, за да бидат конститутивен народ, во Обединети нации постои дека за тоа треба да бидат најмалку 25 отсто. И затоа мораа кај вас да прикажат дека ги има 25 отсто или повеќе“, изјави тој во емисијата „Во центарот“ на Васко Ефтов на ТВ Алфа.

„Ни во Косово нема два милиона Албанци, ги има околу еден милион и 80.000 до 1,1 милиони. Има методи со кои можете да пресметате на еден денешен простор и нема да згрешите повеќе од 1.000, колку точно жители има тука“, објаснува Трајковиќ, според кој во поранешна Југославија на територијата на Косово живееле 380.000 Албанци без државјанство.

„Па, Фадиљ Хоџа, членот на Претседателството, немаше југословенско државјанство. Ни тој, ни Џавид Нимани. Двајца клучни луѓе во Косово немаа државјанство, а дојдени беа од Албанија. Тоа Тито го допушти. Затоа, на Србите, кои беа протерани во текот на Втората светска војна, не им дадоа да се вратат во Косово по нејзиното завршување во 1945 година. Тој простор го пополнија Албанци од Албанија. Тогаш дојде Фадиљ Хоџа и уште многу други. Тоа се случувало и на просторот на Македонија, но тоа било тајна, комунистичка тајна“, додава блискиот соработник на Милошевиќ.

„Од 1961 година се местени пописите за тие да се прикажат дека по број се многу повеќе од што се. Домаќинот во куќата, Албанец, кажува: ‘Имам толку деца’, а никој не ги гледа децата“, вели Трајковиќ и додава дека и во Албанија се штелувани пописните резултати. „Кога ќе погледнете публикации колку има жители, пишува дека имаат 3,7 милиони, а Албанија нема ни 3,1 милиони жители. Плус, во јужниот дел живеат Грци, во целиот северн дел Срби и Црногорци. Сите тие математички игри се во правец да се прикаже дека е неопходно формирање на Голема Албанија. Тоа е целата приказна. Сите тие приказни дека се многу, дека немаат каде да живеат, се само помошно средство. Внимавајте, во Косово има шест гратчиња, а само два града, Приштина и Призрен, имаат над 100.000 жители. Па, каде живеат тие два милиона луѓе, кога 45 отсто од Косово се планини високи над 2.000 метри?“.

Трајковиќ тврди дека штелувањето на пописните резултати е под директива („Тука Британците се тата-мата, тие ги туркаат тие податоци во разни енциклопедии“, вели тој) и оти таа сива зона на Албанци со државјанства во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и дел во Србија ги решаваат изборите во тие земји.

Разговорот со Трајковиќ околу бројноста на Албанците е по 26:30 минути од почетокот на видеото: