СДСМ е последна партија што има право да зборува за реформи во правосудството. Од страна на СДСМ денес повторно слушнавме празна политичка реторика, препакувана во обвинувања кои немаат никаква врска со реалноста. Иронично е токму партијата која со децении го партизираше правосудството, и преку инсталирани кадри, и преку клиентелизам, и преку селективна правда, денес да се претставува како борец за реформи, вели во реакцијата на прес – конференцијата на СДСМ, министерот за правда, Игор Филков.
Според Филков, наводите за „доцнење“ се целосно неточни. Напротив, посочува во реакцијата, реформската агенда се реализира согласно планираната динамика, а дел од законите веќе се на ЕНЕР, во фаза на јавна консултација.
„Министерството за правда не носи закони набрзина во интерес на поединци, одредени фамилии или интересни групи, ниту по налог на партиски штабови. Предлог законите се подготвуваа преку сериозна анализа, консултација со експерти и усогласување со меѓународните стандарди. Министерството за правда, во координација со Владата, интензивно работи на имплементација на реформската агенда и стратегијата за правосудството (2024–2027). Сите реформски закони кои се подготвуваат се темелни, инклузивни и усогласени со препораките од ЕУ. Закони не се носат за ПР-ефект, туку за системска промена, нешто што СДСМ очигледно не го научи, иако имаше шанса“, се вели во денешната реакција од министерот Филков.





