„Не го остваривме она, поради што бевме во Владата. Одлучивме да ја напуштиме и да заминеме во опозиција. Одлучивме да се вратиме кај граѓаните и пак да ја побараме нивната доверба на локалните избори во октомври годинава. Има огромно незадоволство од тоа како владее Вреди.“ – изјави предмалку Арбен Таравари, лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, со што и официјално потврди дека излегуваат од Владата на Република Македонија. Паѓа во очи формулацијата „заминуваме во опозиција“: Таравари во првичната куса изјава не даде детали дали заминувањето во опозиција значи и почеток на формална сорабока со Демократската унија за интеграција и нејзиниот лидер Али Ахмети. Но, речникот, што започна да го користи од вчера со изјавите „Албанците се маргинализирани“ и со критиките кон владата, во која беше министер за здравство, а и е и натаму, макар формално се до неговото официјално разрешување, покажуваат и потврдуваат дека и де факто Арбен Таравари веќе некое време имал договор за соработка со Али Ахмети.
Лидерот на Демократското движење, од Вреди и вицепремиер Изет Меџити вчера се огласи со став дека „конечно паднаа маските на Таравари и Ахмети“ како „глумци во неуспешната латино серија со наслов ‘Уривање на Владата“! Меџити директно го обвини досегашниот колега од коалицијата Вреди Таравари дека затскриено не само што воспоставувал соработка со Али Ахмети, туку со него од пред некое време работел и на нивното сценарио за уривање на актуелната Влада на Република Македонија!
„На денешниот состанок на крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците, одржан во Тетово, не присуствуваа Арбен Фетаи и Салим Сулејмани. Сулејмани, наводно, не присуствувал поради лични причини. Нема информации за неучеството на Арбен Фетаи. Во објава на општествената мрежа беше навестено дека тој ќе продолжи со своето присуство во Вреди. Но ова не го потврди самиот Фетаи, ниту некој друг функционер од Вреди“ – објави ТВ 21.
Кон оваа вест на ТВ 21 треба да се дополни дека Салим Сулејмани е пратеник од Струга од крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците, а Арбен Фетаи е се уште на позицијата вицепремиер за добро владеење. Фетаи пред четири дена преку својот фејсбук-профил жестоко ја нападна, како што напиша, „скапаната структура наречена ДУИ, која деградираше сè што допре“. „Верувам дека Алијансата за Албанците ќе остане верна на својот пат – на патот на достоинство и храброст. Верувам дека, со заедничка волја, можеме да ја најдеме формулата за ослободување на секоја албанска општина од лошото управување на ДУИ“. – порача тогаш Фетаи. Ваквата негова изјава се толкува и како индиректна најава дека Фетаи ја прекинува партиската соработка со Таравари и оти, наводно, останува во Владата, но и оти постои можност и други пратеници од АА да му го свртат грбот на Таравари и да останат дел од коалицијата Вреди.
Арбен Фетаи е, или беше досега шеф на кабинетот на Арбен Таравари. Фетаи остана запаметен по исклучително жестоките напади и квалификации во еден подолг временски период, упатувани кон лидерот на ДУИ Али Ахмети, Во објава на фејсбук на 20 април 2025 година Арбен Фетаи го нарече Али Ахмети „будала“, „чиј единствен успех било огромното богатење негово и на неговиот круг на ајдуци, додека народот го оставиле да страда“! Дополнително, Фетаи му порача на лидерот на ДУИ дека „не се грижи за албанството, туку оти неговата мака е сметката, која треба да ја положи за се што правел досега, а која му тропа на врата“!






