Конечното решение за името на Македонија можно е да се поврзе со моментот кога земјата ќе треба да влезе во Европска унија, за што ќе треба да се отвори и Уставот, навести премиерот Зоран Заев во интервју за Радио Слободна Европа.
„Можеби конечното решение ќе биде врзано со гласањето на Македонија, како граѓани, со давањето на нашиот суверенитет на ЕУ, во која сакаме да бидеме членка и тогаш се отвора и Уставот. Можеби и тука е решението, поради тоа што знаете дека Грција бара и промена на Уставот заради промената на уставното име. Јас сум убеден дека креативноста ќе ги изнајде овие решенија“, изјави тој.
„На крајот Зоран Заев и Алексис Ципрас можат да подадат рака, да постигнат договор, Никос Коѕијас и Никола Димитров исто така, но институциите се тие коишто го носат конечниот став и одлуките, така и граѓаните на двете земји. Затоа, мораме да водиме грижа и да бидеме креативни во изнаоѓање на решение, кое ќе ги задоволи барем минималните потреби на двете земји, а тоа е да има достоинствено решение и да се сочува идентитетот на двете земји со заемно разбирање и почит. А и во преговарачкиот процес и оставањето на трага за во иднина, јас можам да кажам дека при овој дел на креативноста сите опции се отворени, веројатно. Ние и разговараме кога би се спровел референдум, дали би значело конечност на ова решение во одреден период, а не веднаш, можеби веднаш, па така е најдобро, сето тоа е дел од модалитетите за кои се разговара, така што рамката е многу важна, временската рамка за носењето на одлуките, но таа поприлично зависи и од изнаоѓањето на решението за проблемот со името, кој Грција го има со нас“, објаснува премиерот.




