Поука од Вучиќ: На Србија не ѝ треба Охридска група како на Македонија

Српскиот претседател Александар Вучиќ, коментирајќи ја неодамна формираната Охридска група за поддршка на Македонија на евроатланскиот пат, изјави дека таква група не ѝ е потребна на Србија и оти е доволно само граѓаните да се изјаснат за таа опција.



„Србија нема никакви аспирации за влез во какви било воени сојузи, па ни во НАТО. Доколку некоја друга власт и некоја друга влада сакаат тоа да го сторат, сосем сум сигурен дека никаква група нема да им биде потребна. А, што се однесува до мене, не мислам дека тоа е патот на Србија и дека тоа е најдобриот пат на Србија“, рече Вучиќ.

Тој порача дека Србија нема да ја менува политиката, дека ќе има пријателски односи со Русија, нема да ѝ воведува санкции, дека нема да се зачленува во воени сојузи како што е НАТО и дека ќе се „држи до своите постулати и политика“ со кои земјата ќе оди забрзано напред со зачувување на мирот и стабилноста, што е од најголемо значење.

Инаку, т.н. Охридска група ја сочинуваат поранешни високи функционери и дипломати во ЕУ и НАТО, меѓу кои и некогашниот генерален секретар на северноатлантската алијанса Џорџ Робертсон. По малку трагичен е фактот дека оваа група има цел да ѝ дава поддршка на Македонија, а во нејзините соопштенија нашата земја е именувана како ФИРОМ.