„Евроинтеграцискиот процес е еден од врвните приоритети на Владата, на кој што работиме посветено. Пред нас имаме зацртано една цел – да сториме се што е можно, за да го реализираме сонот за европска Македонија!“ – истакна заменик-министерката за европски прашањa Викторија Трајков во своето обраќање на денешната панел-расправа „Патот на Македонија кон ЕУ – предизвици и можности во 2025 година“, во организација на амбасадата на Австрија во Скопје и на Академијата за европски интеграции. Ова го објави ТВ Алфа. Ставовите, што ги изнесе, заменик-министерката Трајков ги објави и на својот официјален-фејсбук-профил.
Таа порача дека со реализацијата на европската агенда и со спроведувањето на реформите ќе се олесни пристапниот процес во ЕУ.
„Свесни сме дека ЕУ од нас очекува конкретни резултати и затоа сме подготвени да го вложиме нашиот целокупен човечки и институционален потенцијал, за да станеме час поскоро дел од европското семејство. Но, ние сме изморени од ветувања и од условувања, преку кои не сме подготвени да преминеме. Новата Влада постави црвена линија. Црвената линија е нашиот македонски идентитет, кој нема да дозволиме да биде обременет со билатерализација. Но, иако, предолго и неправедно сме во чекалната на ЕУ, ние немаме друг избор освен да продолжиме цврсто напред.“ – рече заменик-министерката за европски прашањa Викторија Трајков.
Во панел-расправата „Патот на Македонија кон ЕУ – предизвици и можности во 2025 година“ во скопскиот хотел „Мериот” зборуваа амбасадори, европски пратеници и докажани меѓународни експерти. Расправата ја отвори и ја водеше проф.д-р Васко Наумовски од Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје, кој е поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД. Меѓу говорниците беше и Мартин Памер, австрискиот амбасадор во Македонија.
Во расправата свои пораки за предизвиците на ЕУ испратија и Марија Бергер, судијка од Европскиот суд на правдата, како и пратеникот од Европскиот парламент Клаус Волфер, кој е поранешен директор за Југоисточна Европа и проширување на ЕУ во Министерството за надворешни работи на Австрија. Во расправата учествуваше и Герхард Јарош, раководител за меѓународно кривично право во LGP Group и поранешен заменик главен обвинител во Виена.






