Ако не се смириме со природата ќе се самоубиеме, предупреди денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова на настанот ,,Генералка викенд” кој започна во близина на скопскиот Аквадукт.
,,Не е доволно да зборуваме само дека е важно луѓето меѓу себе да склучат општествен договор што би рекол Русо. Французите се горди на Русо, ама јас велам дека имаат уште еден врвен филозоф Мишел Сера, којшто зборува за потребата од природен договор – договор меѓу луѓето и природата, договор во којшто ќе гарантираат дека ќе ја штитат природата. Зошто? Ние во правото велиме дека оној којшто е постар поголеми права. Ама ајде да се потсетиме на тоа – први настанале билките, па животните, па луѓето. Луѓето се однесуваат како натрапници во рајот, тоа е факт. Ако не се смириме со природата ќе се самоубиеме. Тоа е факт”, вели Сиљановска Давкова која предлага да се изгради парк до скопскиот аквадукт.
,,Ние треба да си ја заштитиме природата оти штитејќи ја неа се штитиме себеси. Јас предлагам следниот пат да тргнеме од дворот на Собранието. Сте видале како изгледа дворот на Собранието? Дури и многупати сум велела дека состојбата на културата се гледа по жардињерите пред Министерството за култура. Не сум ги видела одамна, иако е во моето маало, ама тоа да треба да бидат цвеќиња. Значи штититејќи ја природата се штитиме себеси”, порачува претседателката.
Со чистење на околината на Скопскиот аквадукт во кое се вклучија 200 волонтери денеска официјално почнува еко акцијата „Генералка викенд“, единствен масовен еколошки настан, не само во земјава, туку и на целиот Западен Балкан, во организација на „Мен енд Маунтен“ во соработка со бројни спонзори. Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и Министерство за животна средина.
Во рамките на еко акцијата, чија цел е подигање на свеста за значењето на заштитата на животната средина, на 9, 10 и 11 мај над 20.000 волонтери ќе чистат на повеќе од 500 локации во сите општини, вклучувајќи над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети, волонтери и национални паркови.





