Сезонски работници и од Македонија ќе ги пополнуваат сè уште слободните 20.000 работни места на хрватското крајбрежје во претстојната туристичка сезона, во која најмладата членка на Европска унија очекува рекордна заработувачка.
Македонски келнери и готвачи, заедно со колеги од Босна и Херцеговина и од Србија, ќе застанат зад шанковите и печките во хрватските ресторани во сезоната во која некогашната југословенска република очекува продолжување на трендот од минатата година, кога прими 18,7 милиони гости и оствари зголемен приход од туризмот за десет проценти.
И покрај тоа што големите хотелски синџири ги зголемија платите за собарките, келнерите, готвачите и вратарите до десет проценти, сè потешко наоѓаат сезонски работници поради одливот на домашната работна сила.
По влезот на Хрватска во ЕУ пред пет години, а посебно по укинувањето на ограничувањата од Германија во 2015 година, работниците од угостителскиот сектор масовно емигрираат во оваа земја, како и во Австрија.
Емиграцијата посебно е изразена во источниот хрватски регион Славонија, од кој цели семејства ја напуштаат татковината и заминуваат на север, па само Вуковар во последните три години загуби една десетина од своето население.
Друг проблем се тешките работни услови на приморјето, каде што работниците се изложени за голем притисок и поминуваат до 12 часа за работа, па многу од нив сè повеќе се решаваат и за помалку платено, но работно место на неопределено време во својот град, отколку за пет-шест месеци „ангарија“ на море.





