Пакистанскиот премиер вети одмазда по смртоносниот индиски ракетен напад, велејќи дека Индија „сега ќе мора да ја плати цената“ за својата „очигледна грешка“.
Во телевизиско обраќање на државната телевизија вчера, Шехбаз Шариф го коментираше нападот врз пакистанската покраина Пенџаб и делови од Кашмир, кој е под пакистанска администрација. „За очигледната грешка што ја направи Индија, сега ќе мора да ја платат цената.
Можеби мислеа дека ќе се повлечеме, но заборавија дека ова е нација на храбри луѓе“, рече тој.
Индија тврди дека погодила „терористичка инфраструктура“ на девет локации во Пакистан за време на нападот.
Индискиот министер за одбрана нагласи дека нема загинати цивили.
Две беспилотни летала беа соборени денеска над пакистанскиот град Лахоре, изјави за Си-Ен-Ен полициски службеник кој побара анонимност. Изворот не кажа за каков вид дронови станува збор, ниту од каде доаѓаат.
Лахоре се наоѓа на 21 километар од индиската граница и е дом на околу 13 милиони луѓе.
„Дроновите се најдоа во домет на системот за попречување – кој се меша во сигналот што дроновите го користат за комуникација со своите оператори, понекогаш предизвикувајќи нивно паѓање“, објасни изворот.
Пакистанската аеродромска управа денес објави дека аеродромот во Лахор ќе остане неоперативен најмалку 12 часа по локално време, без да наведе никаква причина.






